Законот за Јавно обвинителство ќе го дочека и распуштањето на Собранието

406
Фото: Игор Бансколиев

Работните групи на Владата и опозицијата денеска седнаа на средби повторно за изнаоѓање заедничко решение за Законот за Јавно обвинителство 12 дена пред распуштањето на Собранието. 

Бојан Маричиќ од СДСМ и Тимчо Муцунски од опозициската ВМРО-ДПМНЕ се сретнаа за да дебатираат околу можните решенија. За Законот за Јавно обвинителство од ДПМНЕ најавија предлози и забелешки, кои се изготвени од правните експерти на партијата. Повторна средба се очекува да има до крајот на неделава или следната недела.

Вицепремиерот Бујар Османи смета дека законот за Јавно обвинителство, кој со месеци е заглавен во Собранието, треба да биде донесен до 3 февруари, кога и ќе се одржи последната пленарна седница. Османи ги повика партиите да ги надминат партиските разлики бидејќи носењето на законот е важно за Холандија и Франција, кои треба да овозможат пристапни приговори со Европската Унија.

– Законот за Јавното обвинителство не е формална одредница, не е впишан во документите на ЕУ. Затоа имавме чиста препорака. Индивидуално, земјите членки сметаат дека овој закон е важен предуслов за воспоставување правна држава. Пред сè, носењето на законот е знак на зрелост. Надминување на партиските разлики. Затоа, мислам дека е важно носењето на овој закон иако прашањата се решени бидејќи Јавното обвинителство продолжи таму каде што СЈО застана – додаде Османи.

Но, и покрај апелот на Османи, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и денеска повторно продолжија со обвинувањата околу тоа кој е виновен за блокирањето на Законот за обвинителство.

Преговорите за Законот за обвинителство траат повеќе од една година. Покрај работните групи, обиди за изнаоѓање заедничко решение имаше и меѓу самите лидери на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, но без успех.