Законот за јавно обвинителство на спореден колосек

64

Очекувањето на одлуката од Советот на ЕУ за доделување датум за пристапни преговори за Македонија, е причина за создавање притисок од неизвесноста во политичкиот амбиент во земјава цела оваа седмица. Таквата политичка атмосфера се манифестира во емотивен распон од разочарување, преку оптимизам до последен миг, па до цинизам, во изјавите на политичките чинители на земјава, како и на социјалните медиуми. Покрај реакциите на неповолните сигнали во однос на шансите за добивање датум за почеток на преговорите, често се нагласува и фактот дека Македонија сепак ги нема спроведено сите реформи и критериуми што ги има поставено ЕУ

Тука, во земјава, а и во Луксембург и во Брисел, како еден аргумент за противењето на Франција за почеток на пристапните преговорите со Македонија, нагласено се споменува отсуството на спроведување реформи во правосудството, неуспешност во борбата со корупцијата, недоволна решителност во примената на владеењето на правото… Сите овие забелешки главно се однесуваат на политички блокираниот дијалог за предлог-законот за Јавно обвинителство.

Уште во првата половина на годината, во македонската јавност се истакнуваше дека токму законот за Јавно обвинителство (со кој требаше да се реши судбината на тогаш сѐ уште постојното СЈО) е меѓу клучните услови за почеток на преговорите со ЕУ. Пред јунскиот самит на ЕУ, кога исто така се чекаше одлука за датумот, самото постоење на предлог-законот за ЈО веќе беше релативизирано во формулација „покажување намера и решителност за борба против корупцијата“, без обврска за итно донесување. Меѓу двата самита на ЕУ, од јуни до октомври, судбината на СЈО се реши спонтано и неславно, со корупциската афера „Рекет“, па еден од мотивите на власта за нов закон за Јавно обвинителство отпадна, додека опозицијата никогаш и не била особено заинтересирана за опстојување на специјалното јавно обвинителство.

– Според мене, предлог-законот за Јавно обвинителство е мртов. Откако партиите, т.е. власта и опозицијата, сфатија дека законот за Јавно обвинителство не влијае на добивањето датум за почеток на преговорите, веднаш изгубија интерес за него. Усогласувањето на ставовите на работните групи меѓу власта и опозицијата на оваа тема секогаш завршуваат со сѐ поголеми разидувања – изјави политичкиот аналитичар Петар Арсовски, по неколку пропаднати лидерски средби и усогласувања на ставовите на работните групи, токму за законот за Јавно обвинителство.

Сметајќи дека Преспанскиот договор со Грција и договорот за добрососедство со Бугарија се доволен аргумент (или жртва) што Македонија ги вложи за добивање шанса за почеток на преговори со ЕУ, актуелната влада веројатно се надеваше дека никој од лидерите во Советот на ЕУ нема претерано да инсистира на критериумот – владеење на правото. Но сепак, според досегашниот модел на преговарање со ЕУ, првите поглавја што се отвораат и последни се затвораат се оние под број 23 и 24, кои се однесуваат токму на владеење на правото и функционирање на правната држава, а францускиот претседател Макрон се чини сѐ уште е скептичен во тој поглед за исполнителност во реформите од страна на Македонија.

– Од прашањето дали Македонија ќе имаше поголеми шанси за датум за почеток на преговорите доколку беше донесен законот за Јавно обвинителство, излегуваат уште многу други „дали“. Тажно е што Македонија се доведе во ситуација во клучните моменти на одлука за почеток на преговори со ЕУ, да се соочува со неисполнување на главниот критериум за владеење на правото. Уште ако се воведе принципот на реверзибилност во преговорите, ќе се соочиме со ситуација во многу поглавја каде што сме имале напредок, веќе да ги нема и да бидеме враќани на почетната позиција. А што се однесува до законот за Јавно обвинителство, динамиката на работата на работните групи ги одредуваше Министерството за правда, а од таму немаше желба за суштинска средба – вели портпаролот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.

Од Министерството за правда се воздржани во врска со оцената за шансите за добивање датум за почеток на преговори, доколку беше изгласан закон за Јавно обвинителство. Сепак, сметаат дека носењето на овој закон не било нужно, како претходно пред да се реши судбината на СЈО. Со оглед дека предметите на СЈО и понатаму се во судска постапка, сметаат дека тоа е доволен доказ дека борбата со високата корупција продолжува и е активна. А за законот за Јавно обвинителство, од Министерството за правда велат дека нема да има компромис сѐ додека има барања за амнестија од страна на опозицијата.