Фото: Игор Бансколиев

Со или без европскиот симбол – знаменцето со кое се обележува кој законски предлог има приоритет за донесување, законодавецот мора да носи квалитетни закони. Но многугодишната практика покажува дека сите политички гарнитури со години, користејќи го евросимболот, а имено т.н. ЕУ-знаменце што како стикерче стои на законите, со кое се обележуваат оние закони што треба да бидат приоритетно донесени и во скратена постапка, се обидуваа да ја заобиколат опозициската дебата за законите што мислат дека се важни за нив и истите тие да се донесат за два-три дена. Сето тоа остава негативна перцепција за земјава во очите на Европската Унија, која и во последниот извештај за Македонија изрази загриженост за носењето закони по скратена постапка

Продолжува практиката на носење закони по скратена постапка обележани со европскиот симбол за законски приоритет

Македонското собрание продолжува со вообичаено-невообичаениот начин на работа што се однесува на употребата на европското знаменце при носењето закони што немаат никаква врска со усогласување со европската легислатива, лишувајќи ги правните процедури од конструктивна дебата и амандмански интервенции за подобрување на самите закони. Со тоа истовремено се испраќа лоша слика за демократските капацитети што ги има земјава во процесот на нивното носење.
Таква практика, која некои аналитичари, правници и професори ја нарекуваат и „злоупотреба на европското знаменце“, имаше од сите политички гарнитури со години, кои користејќи го европскиот симбол се обидуваат да ја исклучат опозицијата од секаква дебата за законите што мислат дека се важни за нив и тие да се донесат за два-три дена.
Сето тоа остава негативна перцепција за земјава во очите на Европската Унија, која и во последниот извештај за Македонија изрази загриженост за носењето закони по скратена постапка во Собранието, во Комисијата за европски прашања на Собранието сo таканаречено „европско знаменце“, без демократска дебата и со исклучување на опозицијата од дебатата.
– Бројот на закони усвоени во скратена процедура, најчесто по предлог од членови на парламентот, е во значителен пораст во периодот опфатен со извештајот, што претставува предмет на загриженост – е наведено во последниот извештај на Европската комисија.

Такви законски акти со кои е злоупотребено европското знаменце во последно време се Законот за попис, Законот за употреба на јазиците, собраниската процедура за усвојувањето на Преспанскиот договор, брзата постапка за легализацијата на канабисот, Законот за недискриминација, а сега сѐ поизвесно е дека и новиот закон за учебници би можел да се донесе со европско знаменце, откако тој неодамна беше повлечен од собраниска процедура поради, како што тврдат од Министерството за образование и наука, усогласување со европското законодавство.
Она што се наметнува како дилема е дали не е потребно да се утврди прецизна листа на закони што подлежат на усогласување со европската легислатива, со што во иднина би се избегнала секаква злоупотреба на европското знаменце.
Познавачите на европските политики сметаат дека носењето закони со европско знаменце, а кои не се поврзани со ЕУ, влијае на перцепцијата за квалитетот на процесите во земјава.
– Начинот на користењето на европското знаменце, секако, влијае на перцепцијата што нашите европски партнери ја имаат за квалитетот на внатрешните процеси на носење закони и политики во земјата. Следствено, злоупотребата или несоодветното користење на овој инструмент не испраќа позитивен сигнал за нашиот внатрешен капацитет за разбирање и управување на пристапниот процес – вели Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европска политика.
Според неа, кај нас како да не е прецизирана намената на европското знаменце при носењето закони.
– Намената на европското знаменце во законодавниот процес, покрај поедноставената процедура, има цел да им укаже на пратениците дека предметниот закон е поврзан со процесот на усогласување со европското законодавство, за што треба да бидат дадени конкретни информации. Иако неговата примена честопати може да биде предмет на дискусија, европското знаме во принцип би требало да се користи при конкретно усогласување со европските законодавни акти, наместо пошироки меѓународни стандарди – појаснува Кацарска.

Идентично размислува и Марко Трошановски, директор на Институтот за демократија, за кого злоупотребата на европското знаменце од страна на пратениците го нарушува угледот на Собранието и на државата.
– Taa практика дефинитивно има негативна улога врз угледот на Собранието и земјата, како дома, така и во ЕУ. Сепак, очигледно е дека таа не е третирана како многу важно прашање во европските извештаи. Во секој случај, Собранието ќе мора да ги зајакне механизмите за да се осигури дека ниту еден закон што нема врска со европското законодавство нема да стигне да се дискутира на пленарна седница – вели Трошановски.