Законот за јавно обвинителство и законот за советот на обвинители, освен што се претворија во услов за распуштање на Собранието, според политичките барања за тоа каква да биде содржината на законските членови, и понатаму оставаат дилеми за нивната принципиелна заснованост. Законите мора да се темелат единствено на владеењето на правото и да важат еднакво на сите

Основниот принцип на правната држава е дека законите важат еднакво за сите и во сите ситуации. Најголемо искушение за правната држава е кога политиката се обидува да ја скрои правдата по своја мера, за свои потреби, што како и да е претставена таквата мотивираност, секако, води до уште поголема неправда.
Законот за јавно обвинителство и законот за советот на обвинители, освен што се претворија во услов за распуштање на Собранието, според политичките барања за тоа каква да биде содржината на законските членови, и понатаму оставаат дилеми за нивната принципиелна заснованост, односно дали имаат сеопфатно дејство. Всушност, главните полемики и несогласувања се околу членот 110 од предлог-законот за ЈО, односно дали овој член ќе се однесува само на предметите на СЈО. Според пратеничката од СДСМ, Снежана Калевска, членот 110 е потреба што се наметнала за да се регулираат случаите што биле почнати од СЈО, за сите други случаи што содржат незаконски набавени материјали, обвинителите ќе се водат единствено според Кривичниот законик, според кој од судот зависи дали незаконски набавените материјали ќе се користат во постапката. Таквата одредба наведува дека за оние предмети што биле отворени од СЈО до 30 јуни 2017, прислушуваните разговори ќе служат како доказ, додека во предметите и истрагите отворени подоцна, ќе бидат само индиции.

– Недвосмислено е дека вака, како што е напишан законот, ќе има селективен третман на прислушуваните разговори. Во некои случаи, за некого тие ќе бидат само индиции, а за некого докази. Тоа води кон различен третман на евентуалните сторители на кривични дела, што сериозно го нарушува рамниот принцип дека сите се еднакви пред законот. Според мене, во сите случаи прислушуваните разговори треба се користат како докази – смета професорот Јове Кекеновски.
Во однос на дилемите дали со вака скроениот предлог-закон за јавно обвинителство и понатаму се продолжува практиката на политички мотивирана селективна правда, адвокатот со долга искуствена практика Звонко Давидовиќ смета дека во основа е промашена темата на законот, односно што тој регулира.

– Не може со закон за јавно обвинителство да се регулира што ќе биде доказ во судски процес и до кога ќе биде доказ. Доказите и нивната валидност ги ценат судиите. Со закон за јавно обвинителство се регулираат поставеноста, правата и обврските на јавното обвинителство. Колку што обвинителството има право да изнесува и да користи докази во судска постапка, исто толку има право и одбраната. Судот ги цени доказите. Вака, како што е напишан, се сомневам дека законот е пишуван од правно неписмени експерти – вели адвокатот Звонко Давидовиќ.
Професорот на Правниот факултет при УКИМ Гордан Калајџиев проценува дека во законот има многу грешки.
– Тие велат дека бомбите се индиции, односно дека нема да се користат во постапка и нема да бидат докази. Индициите се индиректни докази, така во бомбите има и директни докази, но и индиции. Значи тие поимот индиции го користат сосема погрешно. Тоа е недозволиво – смета Калајџиев.

Целата ситуација околу носењето на законот за јавно обвинителство, Калајџиев ја доживува како политичкоправна желботека.
– Сега е како некоја желботека: тоа што се сака да се вметне во закон се вметнува. Многу работи што се проблем не се решаваат со законот за јавно обвинителство. И тоа ѝ е кажано на министерката за правда. Најспорните прашања на пример не се за овој закон. За тоа дали ќе се водат истраги или не, не е прашање на законот за јавно обвинителство, туку на законот за кривична постапка и судска практика. Утре ќе се случува ова и на други теми. На пример, изземањето судии ќе се решава со закон за адвокатура. Кога во основно училиште ќе ви дадат тема, прво гледаат дали сте ја погодиле темата. Вие може одлично да сте напишале состав, но да не сте ја погодиле темата. Така и тука, промашени се работите – вели професорот Гордан Калајџиев.


Законот за јавно обвинителство може да биде изгласан денеска

Законот за јавно обвинителство и законот за совет на обвинители беа разгледани и усвоени по скратена постапка во собраниските комисии за европски прашања и во законодавноправната. Во текот на вчерашното попладне (13 февруари) се очекуваше да почне пленарната расправа во Собранието, а денеска да се изгласа законското решение со двотретинско мнозинство.