Законите за основно и за средно образование пред пратениците

32
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Овие измени на законите беа неопходни и се случија поради ковид-кризата, поради која од март до јуни учениците учеа од дома. Од претстојната учебна година е планирано да се работи со помош на национална платформа за онлајн настава што ќе биде иста за сите училишта

НА СОБРАНИСКИ ДНЕВЕН РЕД ДОЈДОА НОВИТЕ ЗАКОНСКИ РЕШЕНИЈА ЗА УЧЕБНАТА ГОДИНА ВО ВОНРЕДНИ УСЛОВИ

Измените на законите за основно и за средно образование вчера влегоа во собраниска процедура. Пратениците едногласно изгласаа дека постои потреба да се расправа за предложените измени за да може учебната година да започне според новите правила во вонредни услови поради пандемијата на ковид-19.
Овие измени на законите беа неопходни и се случија поради корона-кризата, поради која од март до јуни учениците учеа од дома. Од претстојната учебна година е планирано да се работи со помош на национална платформа за онлајн настава што ќе биде иста за сите училишта.

Наместо стандардните 180 работни дена, настава ќе има сто дена во текот на учебната година. Како што беше најавено, на училиште ќе одат децата од прво до трето одделение, но родителите на овие деца ќе можат да изберат да не ги праќаат на училиште. Другите ќе следат настава онлајн, но, сепак, онаму каде што има просторни и други услови во согласност со правилата, наставата ќе се изведува со физичко присуство и за повисоките одделенија. За таа цел училиштата треба да достават барање за дозвола, за што крајниот збор го има посебна владина комисија. Пред да се добие дозволата, контрола на терен за тоа дали училиштата ги исполнуваат сите услови вршат државните просветни инспектори.
Ако треба да има прекин на наставата во текот на учебната година, за тоа ќе одлучува Владата. Со измените на законите ќе бидат усвоени план и програма по кои ќе се одвива учебната година на начин со кој ќе се заштити здравјето на учениците и на наставниот кадар.

Веќе се усвоени протоколи и насоки според кои ќе мора да функционира секое училиште. Утврдено е точно колку ученици треба да има максимум во училницата, утврдено е колку ќе трае наставниот час, начинот на кој децата ќе ги имаат оброците, а треба строго да се почитуваат и просторните и хигиенско-санитарните услови во училиштето.
Во согласност со правилата, ако има дете или наставник сомнителни на ковид-19, епидемиолог ќе направи процена кој ќе оди во изолација и кои други мерки ќе треба да се преземат. Во случај наставникот да мора да оди во самоизолација, ќе мора да има заменски наставник, кој ќе продолжи да ја одржува наставата. Нема да се дозволи групирање на повеќе одделенија, односно нема да смее да има повеќе од 20 деца во одделението или класот.

Училиштата што ги исполнуваат условите пропишани во протоколите, независно од возраста на децата, ќе можат да организираат настава со физичко присуство, а во општините каде што не се исполнети условите и епидемиолошката слика не дозволува, настава со физичко присуство ќе следат само децата од прво до трето одделение, а другите онлајн. Родителите на децата од прво до трето одделение имаат можност да се изјаснат дали ќе го пуштаат детето во училиште или тоа ќе ја следи наставата преку онлајн платформа.
Годинава, за разлика од лани, сите ученици што ќе следат онлајн настава ќе се оценуваат, односно знаењето ќе им се проверува со физичко присуство во училиштата, за што ќе се изработат посебни протоколи.