Фото: Игор Бансколиев

Познавачите на проблематиката на правата на малцинствата укажуваат дека постои јасна дистинкција меѓу категориите малцинство, што е етничка категорија, и државјанство, што претставува граѓанска категорија. Намерите на бугарската политика да најде паралели во статусот на македонските државјани со (втор) бугарски пасош и барањата за регистрирање на македонските здруженија во Бугарија се само уште еден нејзин обид лошо да ја презентира Македонија пред ЕУ

Нов обид на Софија за изопачување на категориите малцинство (етничка категорија) и државјанство (граѓанска категорија)

Фактот дека Македонија нема да ја одржи првата меѓувладина конференција со ЕУ до крајот на германското претседателство во 2020 година, „благодарение“ на бугарското вето, сепак не ја запре провоцирачката реторика на бугарските политичари. Примената на стратегијата со оправдувачко-провокаторски изјави од бугарска страна, во одредена смисла беше поттикната од ветото на Словачка и Чешка за заклучоците за проширувањето на Советот на ЕУ, напишани според желбата на Бугарија, да ѝ го наметне на Македонија условот за „читање на историјата“ според билатералните договори. По разобличувањето на идејата за „бугарскиот карактер“ на сесловенското писмено и културно наследство од страна на Чешка и Словачка, и тоа на европско ниво, Бугарија своето неотстапување и оправдување за ветото почна да ги аргументира со „целта да не ги предадат 88.450-те македонски граѓани што поседуваат бугарски пасош“, обидувајќи се да ги прикаже како бугарско малцинство во Македонија.

Жалопојките на бугарските политичари

– Нашите проблеми со Република С Македонија денес се резултат на немањето национална политика за нашите сонародници во странство. Односите ни се сведоа на издавање бугарските пасоши таму, без зголемување на влијанието на Бугарија, дури и по потпишувањето на Договорот за добрососедство – оценува во еден свој статус на социјалните мрежи потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, која е членка на опозициската Бугарска социјалистичка партија. Таа смета дека Бугарија не воспоставила никакво лоби меѓу европските партнери во одбрана на „издржаната и едногласна бугарска позиција“.
Жалопојките на бугарските политичари за „недоволно влијание“ во Македонија ги искажуваат и други бугарски политичари, како „дежурниот“ за македонското прашање, вицепремиерот во Владата на Бугарија, Красимир Каракачанов. Во некое од гостувањата во бугарските медиуми тој се пожали дека во Македонија и понатаму нема бугарски медиум, дека не се пласира печат од Бугарија…
Отворањето на темата за бугарските пасоши на 88.450 македонски граѓани, македонските политички аналитичари го проценуваат како обид за реципрочен одговор на темата за македонското малцинство во Бугарија.

Европскиот суд за човекови права за регистрирање на македонските здруженија во Бугарија ја зголеми нервозата во Софија

Најновата декларација на Европскиот парламент за поголема заштита на правата на малцинствата во земјите на ЕУ ја зголеми нервозата во бугарското општество поврзана со пресудите од Европскиот суд за човекови права за регистрирање на македонските здруженија во Бугарија.
– Според апсурдната логика со која настапуваат во своите уцени за македонските евроинтеграции, не е исклучено дека бугарските политичари ќе настојуваат да ги изедначат категориите малцинство и државјанство. Всушност, сите нивни досегашни барања во контекст на ветото за Македонија немаа допирни точки со Договорот за добрососедство, на кој толку се повикуваат. Иако нелогичен, ваквиот обид за изедначување на бугарското (второ) државјанство на македонските граѓани со малцински права воопшто не е наивен и има загрозувачки намери спрема суверенитетот на македонскиот народ во земјава. Неповолно е што Македонија преку Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство се откажа од македонското малцинство во Грција и во Бугарија, сведувајќи го на дијаспора. Сега Бугарија, преку малцинските права, може да посегне по суверенитетот на македонскиот народ во државата Македонија, т.е. да побара бугарското малцинство (оние со бугарски пасоши) да биде внесено во Уставот, да побара одредена политичка и културна автономија. Македонското малцинство во Албанија веќе го прогласија за бугарско, така што ова активирање на бугарските пасоши на македонските граѓани во актуелните македонско-бугарски односи воопшто не е наивно и може да придонесе за сериозно загрозување на сувереноста на македонскиот народ – вели историчарката Наташа Котлар.

Јасна дистинкција меѓу категориите малцинство, што е етничка категорија, и државјанство, што е граѓанска категорија

Познавачите на проблематиката на правата на малцинствата укажуваат дека постои јасна дистинкција меѓу категориите малцинство, што е етничка категорија, и државјанство, што претставува граѓанска категорија. Намерите на бугарската политика да најде паралели во статусот на македонските државјани со (втор) бугарски пасош и барањата за регистрирање на македонските здруженија во Бугарија е само уште еден нејзин обид лошо да ја презентира Македонија пред ЕУ. Особено што по ветото на заклучоците на ЕУ од страна на Словачка и Чешка чувствуваат дека бугарските позиции пред земјите-членки на Унијата се уште повеќе загрозени. Во однос на почитувањето на правата на малцинствата, познавачите потсетуваат дека Македонија ги има ратификувано сите резолуции и декларации за малцинските права, па дури има и регистрирано здруженија на граѓани што се чувствуваат како Бугари, колку и да е незначителен нивниот број. Во однос, пак, на можноста македонските граѓани што поседуваат бугарски пасош да се претстават како бугарско малцинство, познавачите предупредуваат дека тоа би можело како бумеранг да ѝ се врати на Бугарија. Зашто тие лица сепак имаат и македонско државјанство, но и формално престојувалиште во Бугарија, па теоретски е можно и таа бројка да се додаде на бројката на непризнаеното а постојно македонско малцинство во бугарската држава.
– Откако не им поминаа сите бесмислици пред ЕУ што ги поставија како услови во ветото за Македонија, Бугарите сега се свртеа и на идејата за креирање некакво фантомско бугарско малцинство во Македонија. Веројатно ќе се обидат да ги изедначат категориите малцинство и државјанство и да создадат уште еден предимензиониран проблем за Македонија пред ЕУ.

Но и ЕУ веќе согледува дека за неа е подобро Македонија да ги започне преговорите, како симболична манифестација дека е посветена на Западниот Балкан. Тоа подобро го согледа по последната посета на рускиот министер за надворешни работи Лавров на регионот (Република Српска во БиХ), кога отворено покажа дека руското влијание го користи секој „подзаборавен простор“ од ЕУ. Бугарија веројатно ќе се обидува и понатаму да го „растегнува тестото“ на ветото, но сѐ понеизвесно е дали ќе успее да „направи пита“. Македонија треба веќе посуверено да настапува по прашањето за своите евроинтеграции и порадикално да ги искажеме сопствените намери дека нема простор за други отстапки во однос на идентитетот, историјата, јазикот. Односно дека односите со Бугарија ќе се развиваат во рамките на Договорот, а таму нема ништо за условите со малцинствата, јазикот, па и за толкувањата на Бугарија за „заедничка историја“ – вели универзитетскиот професор по филозофија Ферид Мухиќ, кој како пратеник во претходниот состав на македонското собрание, беше воздржан при гласањето за ратификација на Договорот за добрососедство со Бугарија.