Заедничка македонско-бугарска владина седница на почетокот на декември

113

На почетокот на декември ќе биде одржана заедничка седница на владите на Македонија и Бугарија, што ќе се совпадне со пуштањето во употреба на дел од автопатот „Струма“ меѓу Кресна и Сандански, соопшти бугарскиот премиер Бојко Борисов по денешната средба со претседателот на македонската Влада Зоран Заев во Софија.

Борисов пред новинарите повтори дека поранешниот македонски премиер Никола Груевски, кој избега и побара азил во Унгарија, никогаш ниту барал, ниту му е издаден бугарски пасош, како што објавија некои унгарски медиуми.

Македонскиот премиер Заев рече дека имал конструктивна средба со Борисов која е резултат, како што посочи, на потпишаниот Договор за пријателство меѓу двете земји.

Заев кажа рече дека билатералните економски односи се развиваат исклучително добро, трговската размена се проценува на околу 500 милиони евра, а целта е наскоро да достигне милијарда.

– Се работи на отворање нови гранични премини Делчево-Невестино и кај Симитли, а напредува и проектот за железничко поврзување меѓу Софија и Скопје, како и за гасоводната инфраструктура од Петрич кон Струмица – информира Заев.