Заев: Oптимисти сме за датумот за преговори

62

Сите зборат за Северна Македонија како позитивен пример, единствена земја во Западен Балкан, кадешто е мирно, нема протести, се движат работите, успешно завршивме избори за да можеме да се посветиме на економските вредности коишто за компаниите значат профит, за нас значат Бруто домашен производ, нови работни места и можно растење на нашиот извоз, рече премиерот, Зоран Заев, по завршување на Виенскиот економски форум.

Тој додаде и дека еврокомесарот Јоханес Хан пред бизнисмените и деловните луѓе зборувал за перформансите на економијата на нашата земја.

-Секако Комесарот Хан беше овде да ги потврди нашите европски вредности и она што е досега постигнато. Јас му благодарам за тоа, поради тоа што не само што помага на нашиот пат на интеграцијата, туку беше овде да настапи и независно да каже и пред бизнисмените и деловните луѓе за перформансите на економијата во нашата земја и на резултатите од сите реформи до каде што сме стигнати, за да можат да бидат осигурени потенцијалните инвеститори токму и во тие вредности, рече Заев.

Премиерот кажа и дека со Хан разговарале и за очекувањата ова лето, јуни или јули, за конечната одлука на Европската Унија којашто треба да значи конечно одлука за добивање на датум за преговорите.

-Тој е оптимист, јас сум оптимист. Секако знаеме дека треба да завршат парламентарните избори за Европскиот Парламент, за да може уште појасно да ги знаеме ставовите на Франција и на Холандија. Канцеларката Меркел е позитивна. Веруваме дека ќе се придвижат процесите онака како што ние очекуваме заради тоа што навистина заслужуваме. Направивме премногу, сите го потврдуваат тоа и конечно заслужуваме позитивен фидбек од Европската Комисија и од Европската Унија преку земјите членки за добивањето на датумот за преговори, истакна Заев.

Заев додаде и дека во првата половина на јуни ќе излезе со конкретни решенија за промени и тоа во Владата, во владините институции, директорските места, Управни и надзорните одбори, во локалната средина, а како што истакна ќе се случат и персонални промени во Социјал – демократскиот сојуз, коишто ќе значат и подобрување на перформансите на најголемата владејачка партија.