Заев: 600 евра ќе биде просечната, 300 евра мининалната плата

155

Сто илјади нови работни места, 36.000 денари просечна и 18.000 минимална плата до крајот на мандатот во 2024. Ова се дел од ветувањата на СДСМ за економската програма за период од 2020-2024 година, што денеска ја презентираше претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

– До крајот на мандатот, до 2024 година, ќе отвориме 100.000 нови работни места. Ако можевме за 2,5 години да отвориме 60.000 конкретни, јасно видливи работни места главно во реалниот сектор, знаеме и можеме за полн мандат од 4 години да отвориме 100.000 нови работни места. Поддршката за домашни и странски инвестиции ја зголемуваме и ја проектираме во износ од 300 милиони евра до крајот на мандатот. На ова додаваме уште 300 милиони евра европски средства за развој на домашната економија. Тоа се вкупно 600 милиони евра за развој на бизнисот, за фирмите, за нови работни места, за иновации, за стартапи, за младите, за работа тука дома, во нашата татковина. Невработеноста ќе ја донесеме под 8%, односно под 20% кај младите. Денес стапаката на невработеност изнесува 17,1 кај општата популација и 35 отсто кај младите и е сериозно намалена во споредба со 2017 година. За само две и пол години, минималната плата ја покачивме за 60 отсто или за 5.500 денари, а просечната за над 4.000 денари. Покажавме дека платите можат да растат во сите сектори. За само две и пол години просечната плата ја зголемивме на 450 евра. Затоа, во новиот мандат растот на платите продолжува и тој ќе биде и побрз и посилен. Просечната плата ќе порасне на 36.000 денари. Минималната на 18.000 денари. 600 евра просечна, 300 евра мининална плата – рече Заев.
Тој додаде дека платите на вработените во образованието и здравството ќе пораснат за 20 отсто, а најави и дека продолжува субвенционирањето на придонесите за сите компании кои ќе ги зголемат платите од 600 до 6000 денари по вработен.

– Ги унапредуваме условите за работа во ИТ индустријата која е генератор на илјадници добро платени работни места. До 2023 година персоналниот данок во ИТ индустријата го намалуваме до 0%. Заедно со мерките на повраток на персоналниот данок, директно во самата индустрија, за конечно сите во ИТ индустријата да плаќаат 0% данок. Ќе развиеме и еден нов модел на номади и слични меѓународно признати механизми, за развој на оваа важна индустриска гранка. За оние кои сакаат да се обучуваат, доообучуваат или преквалификуваат, обезбедуваме целосен поврат на персоналниот данок за обука, дообука и преквалификација – нагласи Заев.

Првиот човек на СДСМ најави целосно нови стратегии преку грантови или неповратни средства од 5.000 – 15.000 евра за млади и жени за отворарање на сопствени бизниси, каде државата го презема поголемиот дел од ризикот при евентуален неуспех.

Обезбедуваме поврат на персонален данок за сите нововработени до 29 години во првите две години. Парите ќе одат директно на сметка кај младите, рече Заев.

Со чесна и одговорна понуда, вели Заев, бараме од граѓаните мандат од четири години за да покажеме дека невработеноста може уште многу да се намалува, дека платите и пензиите можат уште повеќе да растат, дека има пари и за поддршка на компаниите, на земјоделците, на ранливите категории граѓани.