Заев: Уверен сум дека наскоро ќе се отворат нови можности со помош на цела ЕУ

216

Македонија е првата земја што ја посетува новоизбраниот претседател на европскиот дом на демократијата и тоа говори колку е голема неговата, и поддршката на Европскиот Парламент за нашата земја, изјави премиерот Зоран Заев на заедничката прес-конференција со претседателот на ЕП, Давид Сасоли.

Заев истакна дека процесот на проширување ќе претрпи промени и дека Македонија мора да се подготви за построг надзор, но ние на тоа гледаме како предност за нашата трансформација.

-Подготвени сме за тоа и сакаме да учествуваме во тоа. Но, цврсто веруваме дека перспективата за членство во ЕУ е незаменлива и не треба да биде доведувана во прашање, доколку навистина сакаме стабилен, безбеден и просперитетен Западен Балкан. Имаме верба. Имаме оптимизам. Уверен сум дека наскоро ќе се отворат новите можности со помош на нашите пријатели од цела ЕУ – заклучи Заев на заедничката прес-конференција со Сасоли.

Премиерот оцени дека недавањето согласност да започнат преговорите по поглавја, ги вратило на агендата прашањата на евроскептиците и дилемите дали ЕУ навистина останува на своите политики за проширување и дали има алтернатива, но тој е дециден дека не постои друга опција.

-Мораме да продолжиме, дури и посилно со реформите, со докази дека во земјата владее правото, дека имама силни аргументи за напредокот во економијата. Тие реформи ни се најпотребни заради нас, дома – рече Заев.

Тој додаде дека Европскиот Парламент и резолуцијата за Македонија и Албанија се поттик дека ќе продолжи притисокот да се врати одлуката што не е донесена и дека претстојните дискусии во ЕУ ќе завршат со обновен консензус за проширување.

Сасоли, пак, по средбата во Владата на својот профил на Твитер напиша дека денеска имал одличен состанок со премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев.

-Среќен сум што европскиот дух не е скршен во оваа земја. Заедно ќе ги надминеме сите пречки и ќе преминеме кон отворање на преговорите за членство – напиша Сасоли.

Вечерва, тој ќе оствари средба и со претседателот Стево Пендаровски.