Заев со честитка по повод светскиот Ден на јавните службеници

31

Претседателот на Владата, Зоран Заев, упати писмо со честитки по повод 23 јуни – светскиот Ден на јавните службеници, утврден како меѓународен ден од страна на Обединетите нации.

Во писмото Заев вели дека вчерашниот ден повикува на мисијата на јавните службеници, на тоа дека вработените во јавните служби работат за граѓаните и им служат на сите без исклучок.

– Интегритетот е во основата на вредностите на јавната администрација и клучен принцип за заштита од корупција и од лични интереси. Кога јавниот сервис им служи со интегритет на граѓаните, ги штити и суверенитетот, независноста, безбедноста и просперитетот на земјата и ја поддржува правдата и еднаквоста. Прашање на интегритет е стремежот да се напредува во професијата за да се постигне совршена јавна служба како сервис на граѓаните. Време е да ја ставиме одговорноста на врвот на нашите приоритети – вели Заев во писмото.

Понатаму премиерот додава дека треба да се биде фер и непристрасен и да се услужат луѓето праведно и подеднакво без дискриминација или фаворизирање при извршувањето на обврските и одговорностите.

– Сите ние, вработените во јавните служби, треба да покажеме пример – што значи да се биде посветен кон потребите на граѓаните и кон стратешките приоритети на сопствената земја. Да се биде посветен на општеството значи да се има желба да се служи на јавниот, општествен интерес и да се стават националните интереси пред личните. Да се биде храбар е морална обврска – нагласува Заев.

Премиерот порача дека јавната служба мора да биде согласно закон и согласно потребите на граѓаните и им заблагодари на јавните службеници за ангажманот со кој ги сервисираат граѓаните.