Заев: Сојузот со НАТО ќе обезбеди сигурна иднина и економска благосостојба

158

– Да кажеме да на нашиот сојуз кој ќе обезбеди сигурна иднина, безбедност и економска благосостојба. Искуствата и стратегиските документи покажуваат дека земјите во НАТО се силни промотори на економскиот раст. Со таа мисла да ги пречекаме идните денови. Голема благодарност до нашите сојузници, што се подготвени да ја примат нашата земја како 30-та членка на НАТО – кажа премиерот Зоран Заев на прес-конференцијата со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, по денешната средба во Брисел.

Средбата се одржува на десеттина дена пред Самитот на Алијансата во Брисел од кој Македонија очекува да и биде упатена официјална покана за членство во НАТО.

– Македонија ќе може да му се приклучи на НАТО откако ќе заврши внатрешниот процес во државата. Тоа го препуштаме на институциите во Скопје, но ние сме подготвени да ја направиме Македонија полноправна членка. Кога Македонија ќе го финализира договорот и ќе ги направи неопходните промени во името, ќе можеме да ја поканиме да се придружи под новото име Северна Македонија. Се надевам дека Македонија ќе ја искористи искориската шанса. Народот треба да одлучи, но ние сме подготвени да ја направиме Македонија членка, што би можело да се случи и во следните неколку месеци – објасни Столтенберг.

Заев напомена дека Македонија во наредниот период ќе се насочи кон остварување на неопходните реформи.

– Го видовме нашето место кое е подготвено и чека. На дофат сме. Реформите го имаат својот примат. Слушаме за критиките дека сме многу насочени на дипломатските мисии, но паралелно работевме и на реформите. Првата фаза помина, следуваат втората и третата, на кои ќе бидеме посветени. Убеден сум дека станува збор за нешто вредно, за кое што се бореле генерации и што конечно го имаме на дофат. Знаеме дека ќе ја добиеме поканата и имам чест тоа да се случи додека јас ја водам Владата – порача Заев.