Заев се сретна со делегација од германскиот Бундестаг

531

Почнуваме со носењето на реформските закони значајни за обезбедување независно судство, владеење на правото, професионални медиуми, или општо земено, со пакетот реформски закони, направени според препораките на Европската комисија и експертската група на Рајнхард Прибе. Низ инклузивните политики, нашата цел е да обезбедиме функционални институции во служба на сите граѓани.

Ова го истакна премиерот Зоран Заев на денешната средба со делегација од Бундестагот на Република Германија, предводена од Гунтер Крихбаум, претседавач со Комисијата за европски прашања во Бундестагот, придружувани од амбасадорот на Германија во Македонија, Томас Герберих.

Премиерот на средбата посочил дека исто така, од министерската средба во Охрид очекува потврда на напредокот во разговорите во врска со разликите за името, низ коишто, како што рекол, верува дека сме на пат да го решиме долгогодишниот спор.

– Интеграциите во ЕУ и НАТО за Република Македонија се стабилност, безбедност и економски развој. Веруваме во демократските и во европските вредности, ги решаваме отворените предизвици и поради тоа очекуваме напредок во 2018 година во евро-атлантските интеграции – потенцирал премиерот Заев.

Како што соопшти владината прес-служба, претседавачот Крихбаум и пратениците од Бундестагот пренеле порака на охрабрување од Република Германија, за важните чекори што ги презема Република Македонија во реформскиот процес и во надминувањето на билатералните прашања, што ќе ги отворат перспективите на државата.

– Претставниците на германскиот Бундестаг изразија поддршка на почетокот на носењето на реформските закони во Парламентот, како и на разговорите помеѓу шефовите на дипломатиите на Република Македонија и на Република Грција во Охрид во насока на изнаоѓање решение на прашањето што стои на патот на интеграциите на државата – се наведува во соопштението.

Претседавачот со Комисијата за европски прашања во Бундестагот, Крихбаум, оцени дека е добро што Република Македонија ја предводи Влада насочена кон реализација на стратешките евро-атлантски цели, коишто, како што беше посочено, ќе значат и нови инвестиции во земјава, а со тоа и нови работни места, економски развој и квалитетен живот на граѓаните во Македонија.

На средбата се разговарало и за отворените можности за унапредување на соработката меѓу бизнис заедниците на државите, во здравството, како и во други области значајни за граѓаните.