Заев: Сега е најдобриот момент за решавање на проблемот со името

913

Сега е најдобриот и неповторлив момент да се изнајде решение за долгогодишниот проблем за името, изјави премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање по завршувањето на денешното рочиште за „Поткуп“.

– Очекувам најмалку на маргините на Самитот за Западен Балкан во Софија да се видам со грчкиот премиер Ципрас и да ги искоментираме досегашните постигнувања помеѓу двајцата министри, а можеби ќе бидеме и похрабри во нашата креатива, не велам не, но во секој случај вредно е да се обидеме до самиот крај. Јас давам шанса на процесот – истакна Заев.

Тој посочи дека секогаш информира доколку има нешто ново во врска со проблемот што Грција го има со нашето уставно име и оти во последно време нема некои новости што би ги споделиле со јавноста.

Потсети дека наближуваат Самитот во Софија и Европскиот совет и тоа, како што додаде, во најмала рака е обид барем до тие датуми да се изнајде решение.

– Верувам дека следниот викенд ќе може искрено и отворено со одредени алтернативи и креативни решенија кои што доаѓаат и од наша и од грчка страна да ги доближиме позициите – рече Заев.