Заев: СДСМ поддржува една избoрна единица

137

СДСМ поддржува една избoрна единица и промена на изборниот модел, рече премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев, на јавната расправа за воведување на една изборна единица што се одржа во Собранието. Според него, дојдено е време за разбивање на бипартизмот во македонскиот и албанскиот политички блок.

– Државата е подготвена, подготвена е и ДИК и нема законски ниту правни пречки, ако Собранието, пратениците донесат одлука за промени на изборните модели што значат демократизација. Државата ни е мултиетничка и мултиетничноста е распоредена насекаде низ државата. Затоа мислам дека е дојдено време за разбивање на бипартизмот во македонскиот и албанскиот политички блок. Јас сум за концептот едно општество за сите и мислам дека е времето е зрело за да направиме одреден исчекор – исткана претседателот Заев.

Осврнувајќи се на постојниот изборен модел, Заев укажа на постоењето на ризик за појавување на автократизам во општеството.

– Анализите што ги правеше СДСМ во изминатите изборни циклуси од 2002 до денес со пропорционален изборен модел, покажуваат дека севкупно се губат десетина пратенички места, кои секако многу значат за соодносот на пратеничките групи, затоа што тие би отишле на контото на првите три најбројни парламентарни партии. Мнозинството во СДСМ е за една изборна единица и иако имавме противници на овој модел вантре во партијата, покажавме голема демократска зрелост и се надевам дека останатите политички партии ќе го следат нашиот пример – посочи Заев.
Според него, со воведувањето на една изборна единица добива демократијата, добива државата. Со една изборна единица, рече тој, ќе се намали клиентелизмот на секое поле, значително ќе се намали партизацијата на државата вклучително и на јавната администрација.

Заев го повика Собранието да продолжи со сериозно разгледување на оваа иницијатива, бидејќи, како што рече, сè уште има време и предвремените избори да се одржат со нов изборен модел.

Тој вели дека се отворени листи може да се почне на следните локални избори.

– Ние сме за една изборна единица и ако може да се вгради во Изборниот законик отворени листи за локални избори уште сега, па таму за првпат да одиме и со отворени листи, тоа веќе многу сериозно ќе ја постави државата. Мислам дека не сме подготвени и една изборна единица и отворени листи на парламентарни избори, затоа што прекомплицирано е и една изборна единица и отворени листи, затоа да го направиме првиот чекор со една изборна единица. Со отворените лисит да почнеме на локално ниво со советничките листи. Сето тоа ќе биде сериозен исчекор – рече Заев.
Тој истакна дека СДСМ останува на ставот за сооднос 50-50 кога станува збор за застапеноста на жените на изборните листи.