Заев очекува ЕУ да го исполни ветувањето

67

Северна Македонија ги оствари сите препораки на Европскиот совет од јуни 2018 година и ја добивме најсилната препорака за отпочнување на преговорите за членство со ЕУ, истакна премиерот Зоран Заев, кој денеска присуствува на Самитот за Западен Балкан во Познањ, Полска.

– Очекуваме ветувањето за старт на преговорите во октомври да биде исполнето. Убедени сме дека тој процес може да оди паралелно со процесот на преговори и за проширување со земјите од регионот – нагласи премиерот Зоран Заев, кој својот профил на Фејсбук сподели видео од Самитот.


Европските зелени: ЕУ да ги почне преговорите со Северна Македонија

ЕУ да ги започне пристапните преговори со Северна Македонија, порачаа копретседавачите на Европската Зелена партија, Рајнхард Бутикофер и Моника Фрасони по повод започнувањето на конференцијата за Западен Балкан во Познањ, Полска, соопшти „ДОМ“.

– Европската Унија ризикува да се поттикне национализмот во Западен Балкан, доколку го прекине процесот на отварање на вратите за почеток на пристапни преговори за ЕУ на земјите од регионот. Почетокот на преговорите веќе беше двапати одложен и покрај позитивните препораки на Европската комисија. Не постои причина внатрешните реформи на ЕУ и разговорите за пристапување да не се спроведуваат истовремено. Уште едно одложување во октомври оваа година би можело да го загрози целиот процес и да доведе до обновување на тензиите кои би биле катастрофални за ЕУ во целина. Од суштинско значење е европските министри на состанокот во Познањ, да ги земат предвид херојските напори на Северна Македонија да стави крај на вековниот конфликт со Грција и да го отвори патот за фер и објективен процес –  порачаа од Европската Зелена Партија.


Алтмајер: Северна Македонија и Албанија не се подготвени за членство 

Германскиот министер за економија, Петер Алтмајер, изјави дека Северна Македонија и Албанија напредуваат, но сè уште не се подготвени за членство во ЕУ, бидејќи за тоа е потребна силна борба против корупцијата и независност на правосудството во двете земји.

„Уште не се исполнети сите критериуми за овие две земји да бидат подготвени за членство во ЕУ“, изјави Алтмајер на самитот Западен Балкан во Познањ.

Тој не сакаше да ја коментира одлуката за одложување на почетокот на преговорите со Македонија и Албанија, но нагласи дека ЕУ мора да усвои едногласна одлука.

– Како министер за економија, сакам да видам стабилен економски развој во сите земји од Западен Балкан, без оглед на тоа каде и под кои услови ќе се случи пристапувањето кон ЕУ. Важно е да се обезбеди граѓаните од овој регион да имаат перспектива и учество во економскиот раст, во новите работни места и обуките – изјави Алтмајер.

Во таа насока, додаде германскиот министер, работиме со овие земји, како што беше дигиталниот самит каде што склучивме договор за роаминг.


Продлабочувањето на билатералните односи во интерес на Македонија и Франција

Претседателот на Владата, Зоран Заев, на маргините на Самитот за Западен Балкан во Познањ оствари средба со претседателот на Владата на Република Франција, Едуар Филип. На средбата присуствуваа и вицепремиерот Бујар Османи и министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

Заев во рамки на средбата истакна дека земјата е целосно посветена на остварување на ЕУ-агендата и дека во таа насока се остварени сите неопходни очекувања од земјата испорачани на минатогодишниот состанок на Европскиот совет.

Премиерот истакна дека земјата ги исполни сите реформски и политички очекувања, вклучувајќи ги и уставните промени за името на земјата и дека за испорачаното земјата очекува и исполнување на ветувањето на Европскиот совет за почеток на преговорите во октомври.

– Таквата одлука ќе биде јасна порака и за другите во регионот дека вреди да се вложува во реформите и во унапредувањето на билатералните односи во регионот, како и во регионалната соработка. Ја поддржуваме дебатата за реформи во ЕУ, но убедени сме дека тој процес може да оди паралелно со процесот на преговори и за проширување со земјите од регионот – нагласи премиерот Заев.

Францускиот премиер Едуар Филип на средбата го нагласи заедничкиот интерес што го делат Франција и Македонија, да работат на продлабочување на билатералните односи и на економската соработка. Францускиот премиер ја изрази поддршката за напорите за продолжување на зацртаните реформи за владеење на правото, изрази честитки за договорот од Преспа и имплементирање на придобивките од новата добрососедска реалност што ја оствари земјата со соседите во регионот.