Заев: Очекувам ЕУ да покаже поголема грижа и внимание за процесите за проширување

88

Премиерот Зоран Заев денеска учествуваше во дебатата на тема „Северна Македонија: Европски перспективи и зајакнување на домашните реформи за социјална еднаквост“, што се одржа во организација на Институтот Карл Ренер и Фондацијата Фридрих Еберт во Виена.

На дебатата, на која учествуваше и Андреас Шидер, член на Европскиот парламент и претседавач со Делегацијата на заедничкиот парламентарен комитет ЕУ-Република Македонија, во воведното излагање, премиерот Заев ги запозна присутните со најзначајните поенти од реформските процеси и истакна дека како целосно посветена на овие процеси, Владата ја обнови демократијата и испорача конкретни резултати во 4 области, како што се бараше во Заклучокот на Советот на ЕУ во јуни 2018 година, во владеење на правото, антикорупција, безбедносни реформи и реформи во јавната администрација, и паралелно беа остварени значајни позитивни промени и во социјалната сфера.

-Ја покачивме минималната плата два пати за две години. Ја зголемивме поддршката за социјална помош за 300 отсто во корист на 30 илјади семејства. Зголемена е поддршката на децата за 70 илјади деца. Платите во јавниот сектор, за лекарите, социјалните работници и наставниците, се повисоки. Воведовме социјална пензија, така што старите граѓани не остануваат без никакви приходи. Ние сме посветени да градиме општество што е социјално праведно и каде сите имаат еднакви шанси – нагласи премиерот Заев на дебатата во Виена.

Премиерот Заев потенцираше дека на меѓународен и на билатерален план, Владата на Македонија успеа да ги реши билатералните спорови со Бугарија и Грција, и тоа ја направи земја без отворени прашања со соседите, како единствена на Западен Балкан од таа перспектива.

-Договорот од Преспа е достоинствено и прифатливо решение за обете страни. Тој се заснова на компромис што гради пријателство. Компромис што е добар и за двете страни. Заедно со премиерот Ципрас создадовме модел за решавање на комплексни прашања – рече премиерот Заев.

Тој додаде дека тоа е препознаено и афирмирано од меѓународната заедница, вклучувајќи го и Претседателот на Франција Макрон кој даде поддршка на овие политики во пресрет на референдумот за промена на името како чекор кон членството во ЕУ и НАТО.

-За Република Северна Македонија нема алтернатива за интеграцијата во ЕУ и НАТО. Ние го искористивме нашето време во „чекалната“ и денес сме подготвени и политички и институционално за старт на преговорите за членство во ЕУ. Ја разбираме Франција, но сметаме дека проширувањето може да оди паралелно со дебатата за новата методологија за членство во ЕУ – додаде Заев.

Премиерот Заев на дебатата за европските перспективи на Македонија во Виена рече дека е сѐ уште оптимист и дека очекува шефовите и влади на земјите на ЕУ на нивниот самит во Брисел да донесат одлука да почнат преговорите за членство за нашата земја.