Заев од Гостивар: 11 години ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ не водеа грижа за народот

63

Претседателот на СДСМ и носител на кандидатска листа на пратеници во ИЕ4, Зоран Заев, вечерва се обрати на граѓанска трибина на СДСМ и коалицијата „Можеме“ којашто се одржа во Гостивар.

– Сега ги гледате, дојдоа изборите и повторно ДУИ и ВМРО=ДПМНЕ со национализам. Зошто ДУИ 12 години не го донесе Законот за јазици, се плашеа за рејтингот и кариерата? Но, дојдовме ние и го решивме прашањето. Ги лажеа граѓаните дека сите ќе изгубиме, но дали е така? Не. Добивме сите, секој има право да комуницира на својот мајчин јазик. Имавме храброст за сите одлуки што ги донесовме. Иако имавме 49 пратеници, сепак формиравме влада, но имавме многу пати и 80 пратеници за важните закони. Денес ги исполнивме стратешките цели и сега партиите не може да ветуваат НАТО и ЕУ, тоа е завршена работа. И зошто 12 години во време на режимот не се случуваше ова? Затоа што сите се грижеа за себе и својата партија, наместо за народот и државата – кажа Заев.

Тој во своето обраќање зборуваше за политичките опоненти ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за кои рече дека немаат донесено ниту една храбра одлука за граѓаните и поради тоа коалицијата „Можеме“ силно победува во шестката.

– Оваа коалиција ќе победи. Во шестката ќе го победиме ДУИ, Алијансата на Албанците, а од ВМРО-ДПМНЕ ќе имаме двојно повеќе пратеници во оваа изборна единица. Го слушам ДУИ сака Албанец за премиер. Не можат да ни продаваат такви филмови нам. Тие не се борат за народот, се борат за власт и пари. Не може никој толку години да биде власт, навлегуваат во институциите и го узурпираат системот. Нека знаат дека сега нема НАТО, ЕУ, Грција, Бугарија, сега имаме работа дома. Ги имаме сите фронтови отворени пред нас, треба да се биде економски патриот. Вистински патриот е тој што зголемува плати, што вработува млади, што им дава пари на граѓаните наместо да им ги краде, сите други се кукавици кои се кријат зад национализмот. На светот му се случува четврта индустриска револуција, а ние не можеме да живееме во 19 или 20 век – рече Заев.