Заев: Не шпекулирајте за јазикот и идентитетот, тоа носи проблеми

511

Немојте да шпекулирате дека некој нешто прави во четири очи.  Зоран Заев секогаш кога разговарал соопштувал во јавноста. Никола Димитров секогаш кога разговарал соопштувал во јавноста. Секој документ што е создаден на формален состанок стои во архивите, на МНР, во Влада, кај претседателот на државата, истакна премиерот Зоран Заев од парламентарната говорница предупредувајќи ги пратениците од опозицијата дека со своите дискусии можат да направат непоправлива штета во процесот за решавање на спорот за името. 

– Ако во текот на преговорите Грција пуштила неархивирано писмо или ние, или предлог, заради тактики во преговорите, апсолутно, ниту се денеска составен дел од тоа што се договара, ниту се постојни документи, затоа што од Нимиц е документот којшто доаѓа и секогаш  секој записник од преговорите освен последните, а верувам дека веќе се доставени, можеби најпоследниот не е доставен од Брисел, но тој од Њујорк е веќе доставен до сите. Како е комплетно напишано, така е детално доставено и до претседателот на државата, посочи премиерот на седницата на која се избираат четворица нови министри.

Заев кажа дека во овој процес секогаш Владата преговарала и нормално е премиерот да биде водач во преговарачкиот процес, а тоа го работеле и министрите за надворешни работи и овластените преговарачи. Тој кажа дека се што досега е преговарано е пренесено на лидерска средба. 

– Се што досега е преговарано директно на лидерска средба, директно на состанок сум го споделувал со опозицијата и со другите лидери во Македонија. Се преговара, но на крајот институциите во Македонија се тие коишто носат одлука. Во овој случај заради тоа што е специфична работа, многу важна, граѓаните одлучуваат на референдум. Затоа ве молам да бидеме внимателни посебно по овие прашања, рече премиерот. 

Прашањето, потенцира тој е тешко, но треба да се реши и заради неговата чувствителност треба да се внимава.

Премиерот ова го кажа по дискусиите на Димитар Стевананџија и Крсто Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ. 

Стевананџија побара од Заев доколку се дојде до предлог за решение за името, тоа да оди најпрво на референдум и побара за договорот да не се гласа во Парламентот и да не ги изложува пратениците од власта на, како што кажа, „трет шок после гласањето на двојазичноста и на договорот со Бугарија“.

– Да ги прашаме најпрво граѓаните, а не прво пратениците затоа што ние сме минливи и менливи, нашиот мандат трае две, три, четири години, некогаш и помалку и немаме мандат за нешто кое што постои две илјади години да го решаваме овде, рече пратеникот. Предупреди дека пратениците немаат мандат за одлучување за такво прашање, но и дека никаде во програмата на актуелната Влада не стои промена на името.

Јовановски, пак, зборувајќи за работата на Владата во изминатата година, меѓу другото, го обвини премиерот за, како што рече, распродажба на името, јазикот, идентитетот на земјата… 

– Нанесувате непоправливи штети со вакви драматургии коишто може да ви личат на штиците коишто живот значат- му реплицираше Заев потенцирајќи дека Република Македонија е пред пресериозни одлуки.

Премиерот потсети дека 25 години сме ФИРОМ, дека треба да се направи иднина за сите деца во земјата. 

– Вие сте добар глумец, но овде сте пратеник и треба да се однесувате чесно кон граѓаните коишто ве избрале. Плукате со невидени зборови, нанесувате непоправливи штети- рече премиерот.

Решението, според Заев, го јакне нашиот идентитет и побара од пратениците да бидат трпеливи и доколку се успее со договорот тие ќе го видат. 

– Немојте, барем заради и тие гаранции што ги имаме, Парламентот одлучува, институциите одлучуваат, граѓаните кај нас на референдум одлучуваат. Не правете штети заради тоа што и вие сте за НАТО и за ЕУ-интеграција. И немојте да шпекулирате и за јазикот, и за идентитетот. Тие шпекулации прават проблеми- рече премиерот.

Во однос на договорот со Бугарија, Заев рече дека во него стои „двата народи“ и оти е потпишан на македонски јазик согласно Уставот. 

– Дипломатските начини на решавање на проблемите се тие затоа што Бугарија не ни го признава ни народот, ни јазикот. Но, чекори се прават- посочи тој.

Од споменикот во Струмица кажа дека тој го избришал зборот „бугарски“ пред „фашистички куршум“.  

– Остана фашистички куршум оти треба да градиме пријателство, заради тоа сум го направил тоа како градоначалник. Внимавајте како зборувате, заради тоа што национализмите, популизмите го избркаа нашиот народ од државата- рече премиерот.

Претходно во попладневниот дел од расправата пратениците од редовите на опозицијата во своите дискусии ја обвинија Владата дека не сработила ништо во изминатата една година, туку само направила штети за државата и презела мерки што го намалиле стандардот на граѓаните. Реконструкцијата на Владата, рекоа, е политички пазар заради потреба од зголемување на мнозинството.

Павлинче Честојнова од ВМРО-ДПМНЕ смета дека реконструкцијата нема политичка содржина и оти целта не е подобро спроведување на реформите, туку само желба на премиерот да им најде место на новите и помали партнери.

За разлика од нив, пратениците од партиите на власт застанаа во одбрана на политиките на Владата.

Сегашната Влада, рече Мирсада Емини – Асани презеде многу исправни чекори, а дека таа е на прав пат покажува и безусловната препорака од Европската комисија. 

Горан Милевски од СДСМ, рече, сака да ги потсети пратениците од опозицијата дека не се работи за интерпелација на работата на Владата туку на избор на нови министри за образование, правда, култура и министер без ресор.

– Вие немате што да кажете на пример за тоа што се е направено во образованието, па затоа зборувате паушално и воопштено- рече Милевски. 

Седницата за реконструкција на Владата ќе продолжи по паузата до 21:30 часот што претседателот на Собранието Талат Џафери ја даде поради Ифтар.