Заев: Не сме далеку од изнаоѓање заеднички кандидат за претседател

238

Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев вечерва пред координацискиот состанок на партијата изјави дека не се многу далеку од изборот на заеднички кандидат со политичките партии со кои разговараат за тоа, вклучувајќи го и коалицискиот партнер во Владата, ДУИ.

– Во текот на постапката за селектирање избор на заеднички кандидат вечерва ќе имаме и доста телефонски контакти и други видови на разговори со нашите секретари коишто се во комуникaција  со органите на политички партии со коишто разговараме за да видиме дали има евентуално исчекор  или можност да се дојде до заеднички кандидат. Информациите ми се позитивни, не сме многу далеку. Верувам дека имињата ќе бидат конечната причина за изнаоѓање на заеднички кандидат, рече Заев.

Тој нагласи дека вечерва СДСМ прави прв координативен состанок за да ги согледаат извештаите од општинските организации и самокандидирањата што се пристигнати за да може да ја почнат постапката и процедурата за подготвување на конгресот што треба да се одржи во недела.

– Јас верувам дека за неколку дена би требало да бидеме подготвени знаејќи дека конгресот е во недела. Ќе останеме целосно внимателни заради тоа што сме посветени на заедничка анализа на изнаоѓање на заеднички кандидат со сите политички субјекти оти само така има шанса еден ваков процес да успее, додава Заев.

Тој потврди дека утре ќе се сретне со лидерот на ДУИ Али Ахмети и оти првпат ќе има информации за ставовите за најголемиот партнер во коалицијата.

-Верувам дека тие веќе разговарале и имаат свои гледишта. Сигурно ако разговарале во функција на заеднички кандидат, имаат имиња, имаат свои анализи. Ние споделивме наши анализи, а тие имаат свои анализи. Утре додека траат пратеничките прашања, ние ќе ја оствариме самата средба на која ќе имаме подетални информации за тоа да ли е возможно СДСМ и ДУИ, а секако и сите други политички субјекти со кои разговаравме, да дојдеме до едно заедничко име за кандидат за претседател на РСМ, појасни Заев.

Тој рече дека случувањата во Собранието ќе бидат тема на вечерашната координација и од дебата што ќе произлезе ќе се знае дали за тоа разговараат и на средбата со Ахмети.

-Сите видовме што се случи. Јас ги дадов своите коментари, ние сме политичка партија која што е одговорна и сакаме принципиелни и еднaкви одлуки за сите. Градиме еднакво општество за сите. Тоа значи ако досега Парламентот носел одлука за секој пратеник за да му овозможи на правосудството да носи одлуки како за пратениците така и за граѓаните поденакво, тоа треба да се случи и со Трајко Велјановски, рече Заев.

Додаде дека вечерва ќе ги знае детално сите работи што се случувале и причините, притоа оставајќи ги сите опции отворени во врска со понатамошното коалицирање.

-Коалицијата не е создадена за еден ден. Таа има свои стратешки определби и заедничка програма на Владата. Ќе сакаме да ги слушнеме и аргументите од нашите партнери за да можеме на крајот да носиме заклучоци за ваквите прашања. Да им дадеме шанса на аргументите, да разговараме заедно сите како што и им личи на демократските партии, рече лидерот на СДСМ.

Запрашан дали ќе бара одговорност ако некој згрешил, рече дека од претседателот на Собранието не може да бара одговорност, затоа што тој е репрезент на највисоката државна институција која бира влада, но оти сепак сака одговори.

– Секако сакам одговори затоа што им должиме на граѓаните одговори за сите детали. Верувам и така зборувам во Парламентот, никој не е виновен додека не му се докаже вина. Никој и не треба да биде виновен, но треба да се даде фер шанса на правосудството да ги работи процесите, без разлика дали се работи за Зоран Заев, Трајко Вељаноски или за кој било друг во државата, рече Заев.

За тоа како ја коментира изјавата на потпретседателот на партијата Мухамед Зекири дека имаат 61 пратеник без ДУИ, Заев не се согласи со тоа, појаснувајќи дека заедно со коалицијата имаат 68 пратеници, а без ДУИ 58. Остави простор да се слушнат аргументите на сите пратеници, вклучувајќи го и Зекири, но и од ДУИ, за да можат на крајот да донесат заклучок.