Заев: Немам докази за руско влијание во Македонија

396

Премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарски прашања на конференцијата посветена на слободата на медиумите во регионот, порача дека нема докази за руско влијание во Македонија.

– Немам докази за руско влијание овде. Руската Федерација е пријател на Република Македонија и нема ништо против интеграцијата на Македонија во ЕУ, но отворено е против НАТО – рече Заев.

Тој потсети дека нема алтернатива за Македонија освен ЕУ и НАТО, и дека Македонија „сака пријателство со сите земји“.

Заев истакна дека е запознаен со информациите за мрежи на профили кои шират лажни вести на социјалните мрежи и традиционалните медиуми и порача дека се надева дека ќе „можеме да ги дознаеме деталите“, но дека тој нема идентификувано земји кои шират лажни вести.

Премиерот ја повтори својата поддршка за саморегулација на медиумите.

– Медиумските работници најдобро знаат како тоа да го направат на начин кој мислат дека е најдобар- посочи Заев.

Шефот на македонската Влада предупреди дека „злоупотребата во форма на дезинформирање многу лесно се рефлектира врз  безбедноста и не претставува слобода на говор“.

– Видовме и во Македонија и во регионот колку штетна може да биде пропагандата, поттикнуваат насилство, затоа како Влада повикуваме на конструктивна атмосфера- посочи Заев.