Заев на средба со кинеската амбасадорка

118

Претседателот на Владата, Зоран Заев, оствари средба со Јин Лисјен, амбасадорка на Народна Република Кина, која го завршува својот мандат во земјава. На пријателската средба беа потврдени добрите билатерални односи помеѓу Република Македонија и НР Кина, коишто во изминатите години бележат напредок на соработката, посебно во областа на економијата, образованието и културата. Оценето е дека е поставена стабилна основа таа соработка да продолжи и во иднина.

На состанокот се поздравени личните заложби на премиерот Заев за реализација на изградбата на двата автопата, со кинеска поддршка, Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид.

Констатирано е дека премиерот Заев прави видливи напори со резултати во економскиот развој и во социјалните политики и дека преку конструктивните политики, на конкретно ниво придонесува за доброто на државава и за граѓаните.

– Уверен сум дека преку процесот 17 + 1 само ќе ја јакнеме соработката на економски план, којашто веќе се реализира со отвореноста за нови кинески инвестиции во земјава, а расте и трговската размена. Тоа е резултат на воспоставениот дијалог на високо политичко ниво меѓу Северна Македонија и Кина – рече премиерот Заев.

Тој оцени дека за тоа голем придонес има успешната соработка со амбасадорката на Кина, Лисјен.