Заев на прва средба со новоименуваната амбасадорка на САД во земјава

388

Претседателот на Владата, Зоран Заев, денеска ја прими во посета новоименуваната амбасадорка на САД во земјава, Кејт Мари Брнз. Тој ѝ посака добредојде и успешен мандат на амбасадорката Брнз и изрази благодарност за одличната работа на претходниот американски амбасадор Џес Бејли и заменик шефот на мисијата, Микаела Швајцер Блум.

Заев како долгорочен интерес на земјата го издвои натамошното интензивирање на билатералната политичка и економска соработка со САД, како и посветеноста на реформската ЕУ агенда за достигнување конкретни резултати во областа на владеењето на правото, антикорупцијата, реформите во безбедноста и јавната администрација.

Премиерот Заев и амбасадорката Брнз се согласија дека Република Македонија останува стабилен стратешки партнер на САД, фокусиран на заедничките заложби за безбедност, слобода и демократски просперитет во регионот, како и за заедничките активности во борбата против тероризмот и другите закани кон мирот во светот.

На средбата е изразена подготвеност за прифаќање на обврските кои произлегуваат од полноправното членство на НАТО до крајот на 2019 и почетокот на 2020 година, како што е зголемувањето на БДП од 0,2 отсто годишно на 2 отсто до 2024 година, модернизација на армиските капацитети и зголемување на учеството во заеднички мисии.

Амбасадорката Брнз на средбата рече дека САД со нетрпение очекуваат во наредните месеци да ѝ посакаат добредојде на Македонија како 30-та членка на НАТО и додаде дека ќе ги вложи своите капацитети и досегашно искуство за да успешно продолжи економската и политичката соработка меѓу САД и Македонија.