Заев: Местенките не се акти на Руската Федерација

335

Овие местенки кои ми беа направени, мислам, дека се приватни, а не акти на Руската Федерација, рече Заев на отворање на бензинска пумпа во Арачиново, настан на кој присуствуваше и рускиот амбасадор Сергеј Баздникин.

– Не смеат вакви работи да се испречат пред нашите пријателски односи со Русија – порача премиерот и додаде дека Русија не води специјална војна против Македонија.

Заев потврди дека со рускиот амбасадор денес ќе имаат средба договорена од пред десетина дена. Пред новинарите објасни дека вчера разговарал со Хашим Тачи и  Александар Вучиќ и им се извинил ако некој се навредил од изјавите за Косово и Србија, во објавениот телефонски разговор со лажниот Порошенко.

– Зборувавме со Тачи, бараше објаснување. Јас разменив и порака со претседателот на Србија Александар Вучиќ. Сакам уште еднаш да ја искористам приликата ако со изјавата сум ги повредил граѓаните или претседателот на Косово, намерата не била таа. Ние сме исклучително пријателски земји. Јас се надевам, барем така чувствувам, дека сум пријател на граѓаните на Косово. Никогаш не сме имале детали за преговарачкиот процес, како што и претходно изјавив – рече Заев.

Рускиот амбасадор Баздникин, кој присуствуваше на отворањето на бензиската пумпа, си замина без изјава за медиумите.

Во дел од говорот на настанот амбасадорот рече дека Русија е заинтересирана за инвестиции и соработка со Северна Македонија и дека сака продлабочување на соработката на, како што кажа тој, двата братски народа.