Заев: Македонскиот јазик и идентитет не се на маса за преговори

472

Македонскиот јазик и македонскиот идентитет не се на маса за преговори, вели премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарски прашања поврзани со неговото вчерашно интервју за бугарски медиум.

– Никаде во светот не се преговара за идентитет и за свој мајчин јазик – додава тој.

Во однос на окупацијата од страна на фашизмот вели дека била присутна насекаде во Европа и во светот.

– Таа е окупација, но не е причина да кажете дека цел еден народ, без разлика дали е македонскиот, албанскиот, бугарскиот, српскиот, дека е окупатор. Затоа велам администрација. Затоа што тогашното раководство на Бугарија, Царска Бугарија се приклучува и донела одлука да се приклучи на Третиот Пакт, како што знаеме сите и тоа е факт. Но, денес да зборувате за фашистичка Бугарија, фашистичка Германија, да зборувате за цела една нација, да зборувате за денешните генерации, како резултат на дел на предци кои тоа го направиле. Тоа не е поглед кон иднината – смета премиерот.

Според него, прашањето е дали ги употребуваме вистинските зборови, за да градиме пријателство или не.

– Треба да ги прифатиме историските факти, треба да ги признаеме грешките, да не заборавиме на минатото, но, секако да си простиме, да подадеме рака и да одиме заедно, заради тоа што тоа е најмалку што нашите деца го очекуваат од нас – вели Заев.

Тој нагласува дека постојат факти кои што можат да ги потврдат сите, а тоа е дека Царска Бугарија 1941 година застанува на страната на Тројниот Пакт, на фашизмот, но како што вели, во тие моменти никој не ги прашал Бугарите на референдум за нивната определба за да можеме денеска цела Бугарија да ја оквалификуваме како фашистичка.

– Тоа не е пријателство, тоа не е европски. Зарем заборавивме дека и во нашата Македонија и тогашна Југославија имаше соработници на окупаторите, на фашистите, домашни предавници. Тоа не ги прави ниту денешните Германци, Италијанци, Бугари, Јапонци или слично, фашисти. Европа ги реши прашањата на европски начин, треба и Балканот да ги реши прашањата на европски начин , ако сака да продолжи кон Европа – вели македонскиот премиер.

Тој посочи дека ги разбира реакциите од јавноста, но додава дека лидерите треба да ја водат државата.

– Јас целосно ги разбирам поривот на чувствата на одредени сограѓани. Антифашистичката борба е дел и од моето семејство, дел од градот во кој што живеам. Дел од мојата татковина. Но тоа историско минато не треба да не ограничува во трасирањето на патот на нашата европска иднина. Дури 85% од граѓаните се за интеграција во ЕУ и ако не гледаме низ призмата на простувањето, низ призмата на пријателството, низ призмата на подавањето рака, треба да знаеме дека тоа не е начин за исполнување на целта на патот по кој што тргнавме – истакна премиерот Заев.