Заев – Која: Придонесуваме за домашната и регионалната безбедност

45

Премиерот Зоран Заев се сретна со шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Клеменс Која. На состанокот е разговарано за актуелната политичка ситуација во нашата држава во пресрет на изборите.

– Поздравени се политиките на Едно општество за сите во државата, како интегративен концепт со којшто Република Северна Македонија обезбедува еднакви шанси за сите и придонесува во домашната стабилност, а со тоа и во стабилноста во регионот. Изразена е и поддршка за напредокот на државата во реформите, во добрососедските односи и за евроатлантската определеност на нашата држава – соопштија од Владата.

Заев изјави дека земјата работи на реформскиот процес, на интеретничката кохезија и на искрени, пријателски односи со соседите и во регионот.

– Фокусирани сме проевропски затоа што тоа е стратешка цел за земјата, заедно со членството на НАТО. Ваквата определеност веќе ги дава првите развојни економски резултати со директно влијание врз подобрување на животот на граѓаните. Свесни сме дека има уште многу да се сработи, но токму поради тоа и сметаме дека интеграциите на Република Северна Македонија и на регионот немаат алтернатива. Ние сме одговорна Влада и работиме во насока на зајакнување на стабилноста во државата и во регионот – рече Заев.