Заев: Како ќе се позиционираат ДУИ, зависи од нив

84

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на прес-конференцијата по потпишувањето на договорот за коалиција со Движењето Беса, за односот со ДУИ, рече дека како тие како партија ќе се позиционираат зависи од нив, откако беше прашан дали бил уценуван од ДУИ, откако во своето обраќање рече дека нема да прифати уцени за коалиција од ниту една политичка партија.

– Ќе бидам конкретен. Одлуката на ДУИ за коалицирање со СДСМ помогна да падне режимот. Донесовме многу заеднички одлуки кои се важни за државата, но имавме и негативни последици за одредени прашања. Ние сме отворени за инклузивност со сите кои ќе се држат до нашите принципи и затоа сме сигурни за извојување победа и чист мандат. Како ќе се постави ДУИ, зависи од нив, како тие ќе се позиционираат, дали ќе менуваат на подобро, тоа е нивно прашање – изјави Заев.

За тоа какви проблеми имале со коалицискиот партнер, Заев не одговори конкретно, но порача дека партиите треба да си ги преиспитаат своите погрешни постапки и да се менуваат на подобро.

– Имавме заеднички успех, ќе повторам, донесовме многу важни одлуки, но и имавме проблеми. Манипулацијата на Блерим Беџети ќе ја споменам како пример,но народот гледа сè и знае сè што се случувало, затоа што секогаш сме биле искрени. Ние сме заедно и функционираме до завршувањето на мандатот. Дури, заедно настапивме и на изборите во 2017. Отворени сме за сите партии, за искрена соработка. Но, еве ја користам оваа можност да порачам дека како партии треба да се менуваме на подобро, да работиме заеднички за доброто и иднината на нашата земја – рече Заев.

Што се однесува до кандидатите за пратеници кои ќе се најдат на листите, лидерот на СДСМ рече дека сè уште немаат постигнато договор со Беса. Тој додаде дека имињата ќе ги соопшти откако ќе завршат преговорите и со другите коалициски партнери кои се во тек.

Неговиот коалициски партнер Касами само кусо рече дека на листите ќе се најдат луѓе кои може да ги понудат како најдоброто кадровско решение.