Заев-Кадик: Поддршка за успешен референдум и за интеграциите на Македонија

122

Премиерот Зоран Заев, попладнево се сретна со Оливие Кадик, француски сенатор и претставник на француските државјани надвор од Франција, придружуван од францускиот амбасадор во Македонија, Кристијан Тимоние.

– Ве поддржуваме на патот кон интеграциите, побрзајте, е пораката што ја пренесе францускиот сенатор Кадик. Тој оцени дека претстојниот референдум во Македонија е премин кон продолжување напред, соопшти владината прес-служба.

Премиерот Заев рече дека очекува успешен референдум во Македонија.

– Верувам дека референдумот ќе успее, затоа што големо мнозинство од граѓаните во Македонија е за членство на нашата држава во НАТО и ЕУ. А сите граѓани сакаат и заслужуваат квалитетен живот во својата родна земја, што ќе го овозможат тие интеграции, рече Заев.

Тој се заблагодари за поддршката што Франција и ја дава на Македонија во интеграциските и демократските процеси и упати поздрав до претседателот на државата, Макрон.

– За нас поддршката од пријателите од меѓународната заедница е голема мотивација во нашата определба да продолжиме напред и да се интегрираме во сојузите на демократскиот свет, рече премиерот Заев.

На состанокот, амбасадорот Тимоние го поздрави начинот на којшто Македонија ги реши билатералните прашања со соседите, во интерес на стабилноста, безбедноста и перспективите на целиот регион и изрази надеж дека ваквата пракса ќе биде охрабрување за сите држави од регионот.

На средбата е изразена заедничка согласност за унапредување на економската соработка меѓу двете држави.