Заев и Хелбах: Многу е важно да успее процесот на интеграции на Македонија во ЕУ и НАТО

73

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со Христијан Хелбах, специјален претставник за Југоисточна Европа на германското министерство за надворешни работи. На состанокот е изразена силна поддршка од Федеративна Република Германија за успешноста на претстојниот референдум и на евро-атлантските интеграции на Република Македонија, јави владината прес-служба.

Во соопштението од средбата е наведено дека на средбата било „констатирано дека Република Македонија е позитивен пример во регионот за тоа како се решаваат билатерални прашања“.

„Стабилноста и членството на Македонија во НАТО и во ЕУ е важно, како за граѓаните на нашата држава, така и за целиот регион. Очекуваме добри вести за целиот регион и затоа е многу важно, процесот што води кон интеграциите на Македонија да успее, со покажана одговорност од сите политички субјекти во државата“, констатирано е заеднички на средбата.

Премиерот Заев, се додава во соопштението од Владата, изрази голема верба дека граѓаните ќе донесат правилна одлука за својата иднина и за иднината на својата држава на 30-ти септември.

– Граѓаните се свесни дека претстојниот референдум е вратата кон подобра иднина, повисок животен стандард, осигурени граници на државата, еднаш засекогаш потврден македонски јазик и идентитет, а тоа го носат членството во ЕУ и НАТО. Очекувам свесност од сите политички субјекти во државата кои им мислат добро на граѓаните и на државата, да го поддржат процесот на евро-атлантски интеграции и да ја обезбедиме заеднички, нашата заедничка иднина, рече премиерот Заев.

Германскиот специјален пратеник, Хелбах посочи дека решението на спорот со името е предуслов за успешна евроатлантска интеграција на Македонија.