Заев: Има време за промена на изборниот модел

186

Тврдам дека има време за промена на изборниот модел, посочи премерот Зоран Заев на пратеничко прашање во врска со можна измена и информираше дека во Министерството за правда постои работна група која ги разгледува препораките на ОБСЕ и ОДИХР.

Спеак како што нагласи Заев, сѐ зависи од политичката волја на политичките партии.

-Според мене решението на изборниот модел дали ќе остане ист, дали ќе се менува, е работа на Парламентот. И убаво е да се постигне консензус по вакви прашања. Но, за мене е неприфатливо да не се дојде на состанок на помалите политички партии или парламентарни групи на повик да се разговара за едно вакво важно прашање – рече премиерот.

Тој додаде дека присуствувал на овој состанок и јасно ги кажал своите ставови дека СДСМ и коалицијата со која настапи на изборите застанале зад една изборна програма, во која што стои ветувањето за една изборна единица.

Апелирајќи кон ваквите иницијативи и модели да се приклучат и ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, Заев оцени дека нивно право е што ќе одлучат.

-Парламентот треба да го процесуира предлогот. Претседателот Талат Џафери не е тука и не сакам да зборувам во однос на тоа дали има време, јас тврдам дека има време за промена на изборниот модел – посочи премиерот.

Тој истакна дека најважно е што со ова решение ќе добие демократијата бидејќи се отстранува можноста за евентуално идно поставување на, како што кажа Заев, автократи во државата.

Заев додаде дека ова решение штеди и парични средства, буџетски и партиски, кои се даваат во кампањата и кои се поголеми кога се работи за повеќе изборни единици.