Заев: Иванов и ВМРО-ДПМНЕ не можат да ги надминат својата немоќ и фрустрации

214

Ѓорге Иванов и опозицијата не можат да ги надминат својата немоќ и фрустрации. Несериозно е на таков начин, како вчера од Мечкин Камен, цинично да се испраќаат пораки. Само политичка фрустрација е однесувањето на така високи функционери, рече премиерот Зоран Заев во денешното отворено студио на 1тв од Охрид.

– ВМРО-ДПМНЕ и претседателот на државата се крстеа во референдумот повеќе од една деценија, му кажуваа на народот дека граѓаните ќе одлучуваат на тој начин, а денес не смогнуваат сили да повикаат на референдум – рече премиерот.

Заев соопшти дека со Иванов се видел два дена пред чествувањето на Илинден во Крушево. Имале состанок кој, како што истакна, бил пријатен, а се разговарало за регионални и многу важни државни прашања, важни за безбедноста, иднината, актуелните моменти. Но, Иванов тогаш зборувал едно, а на Мечкин Камен друго.

Според премиерот, некои од лицата што го предизвикаа вчерашниот инцидент во Крушево биле и во Собранието на 27 април. Тоа е мала група, оцени Заев, од 50-на лица, исфрустриани и мотивирани од некого да праќаат некакви пораки, но не се приврзаници на големите политички партии, зашто во последно време го плукаат и ВМРО-ДПМНЕ, а и физички се насилни. Сепак, смета Заев, овие луѓе имаат одредена цел.

– Со Иванов имавме пријатен состанок, поразговаравме за очекувањата на Мечкин Камен. За жал, се случија мотивации од самиот говор на претседателот, лица, веројатно под дејство на алкохол, да шират омраза – рече Заев.

Тој порача дека во овие моменти на Македонија и треба единство, а обврска на политичарите е да бидат мудри и на земјата да и обезбедат добра иднина.

– Сите сме должни да им овозможиме на граѓаните референдум, да си го кажат тоа што е битно за нивната држава. Тоа е врв на демократијата. Сите знаеме дека нема подобра иднина за Македонија од евроатлантското интегрирање, но тоа не е можно без решен проблем – истакна Заев.

Претседателот Иванов, како што дополни премиерот, бил постојано информиран за текот на разговорите со Грција.

– Јас сум сериозен човек и мојата фунцкија е одговорна. Иванов беше информиран, а и шефот на опозицијата, но не сме сите таму да преговараме. Преговараат премиерот и министерот за надворешни работи. Се водевме од најпатриотското, да обезбедиме иднина, а да ги зачуваме нашиот идентитет, култура, наследство. Иванов беше информиран, имаше и лидерски средби. Тоа го правеше и премиерот на Грција, по разговорите одеше кај претседателот на државата и партиите, така прават сите држави во светот – рече Заев.

Тој јавно праша, зошто 11 години опозициските партии на Грција и Македонија не направија договор за името и каде беше претседателот досега.

– Мора да бидеме одговорни, ова не падна од небо. На крајот, сепак, одлучуваат граѓаните, а тие, како што секогаш носеле исправни одлуки, и сега ќе ја донесат најисправната одлука зашто ова е максимално добро за Македонија, а Договорот со Грција е фер – потенцира премиерот Зоран Заев.