Заев: За три години ги остваривме стрешките цели

42

За само 2,5 години постигнавме многу, заедно успеавме од заробена држава да ја внесеме земјата во НАТО, да ги откочиме интегративните процеси и цврсто да зачекориме кон ЕУ. За само три години преку одговорни и државнички одлуки ги остваривме стратешките цели на државата и се гордееме со тоа што заедно со сите наши граѓани, истакна претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

– Денес ние сме 30 земја членка на НАТО, на иста маса со најмоќните, најсилни и најразвиени земји. Денес, нашите граници се обезбедени, нашиот мир е загарантиран. Денес Северна Македонија е пред почеток на процесот на преговори со ЕУ, наскоро ги отвораме и првите поглавја.

Сето ова го остваривме зачувувајќи го македонскиот идентитет, важен за нас Македонците. Благодарни сме на Албанците, Ромите, Србите, Власите, Турците, Бошњаците и на сите други помалку бројни етнички заедници за солидарност која ја имаа за решавање на оваа прашање.

Како предводник на најголемата мултиетничка коалиција во државата горди сме што успеавме заедно, Македонци, Албанци, Срби, Турци, Роми, Власи, сите. Речиси три децении нашата држава споро чекореше кон интеграција во ЕУ и НАТО, наша цел поставена уште од Денот на независноста. 11 години со ВМРО-ДПМНЕ тоа беше невозможна мисија, наместо интеграција, имавме изолација, наместо напредок, имавме режим, етнички тензии и поделби.

Ние, за само три години покажавме дека можеме, можеме да ги решиме споровите, можеме да ги отвориме вратите на ЕУ и НАТО, да ги отвориме Фондовите за сите наши граѓани. 2,5 милијарди евра европски пари ни стојат на располагање во следниот период. Европски пари за европски стандарди дома но и за полесно справување со последиците од коронавирусот.

Подготвени сме, знаеме и можеме да отвориме 80 отсто од поглавјата до 2024 а за шест години, да го затвориме целиот преговарачки процес со Европската унија. Ова е нашата понуда за следните 4 години. Точно знаеме каква држава сакаме да биде Северна Македонија во 2024 година. Слободна, демократска, европска држава, интегрирана, пријател со соседите.

Од другата страна, од ВМРО-ДПМНЕ немаме ништо освен обнова на режим со истите луѓе на Никола Груевски, нема ништо освен нова изолација, нови кавги внатре и со соседите. Затоа е важно да не застанеме, заедно да продолжиме, да го завршиме започнатото.

На 15 јули се носи уште една голема одлука. Одлучуваме за иднината, наша и иднината и на нашите деца. Одлучуваме дали ќе продолжиме напред или ќе се вратиме назад во минато, поделби, изолација и режим.

Само глас за коалицијата Можеме е сигурност за да продолжиме напред и да не ја доведеме во опасност државата од ВМРО-ДПМНЕ. Затоа ве повикувам масовно да излеземе на гласање на 15 јули. Да одбереме да продолжиме на прав пат кон ЕУ и НАТО. Ја бараме вашата поддршка за да продолжиме напред уште побрзо. Заедно можеме, уште повеќе и уште подобро – порача Заев.