Заев ги претстави замениците-министри во Собрание

615

Претседателот на Владата, Зоран Заев во Собранието на седницата на која се гласа за заменици-министри ги предложи следните кандидати:
– Башким Хасани, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за одбрана,

– Назим Буши, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за внатрешни работи,

– Димитар Ковачевски, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за финансии,

– Агим Нухиу, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за правда,

– Илхан Рахман, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците,

– Фатмире Исаки, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за надворешни работи,

– Зоран Маневски, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за економија,

– Трајан Димковски, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство,

– Илир Хасани, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за здравство,

– Арафат Шабани, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за образование и наука,

– Енвер Хусејин, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за труд и социјална политика,

– Зоран Димитровски, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за локална самоуправа,

– Седат Сулејмани, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за култура,

– Александар Бајдевски, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за информатичко општество и администрација,

– Беким Реџепи, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за транспорт и врски и

– Христина Оџаклиеска, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за животна средина и просторно планирање.

Премиерот Заев на говорницата, им се обрати на пратениците истакнувајќи увереност дека предложените кандидати, совесно и со најголема посветеност и одговорност, ќе ги извршуваат своите работни обврски согласно законот и определбите на Владата за остварување на нејзината Програма и за остварување на стратешките интереси на Република Северна Македонија од интерес на граѓаните.

Тој додаде дека со предлогот за избор на заменици-министри доставен до Собранието на Република Северна Македонија се доставени и биографиите на предложените кандидати.

– Со именувањето на замениците-министри во Владата, го комплетираме системот на ефикасни и силни институции со полн капацитет и легитимитет, кои ефикасно ќе работат во справувањето и надминување на последиците од пандемијата со ковид-19, како еден од првите наши приоритети. Убеден сум дека со еднакво силен ангажман замениците-министри ќе се посветат и на остварувањето на останатите приоритети како што се создавањето услови за нов циклус на динамичен економски раст, одржлив развој, ефикасна правна држава и силни институции. Секако, максималнa посветеност очекуваме и во модерно образование, стабилно општество, внатрешна кохезија и сите други сегменти на општественото живеење – рече премиерот Заев.

Во своето обраќање, премиерот Заев се осврна на стратешките цели на нашата земја, зголемувањето на активностите како членка на НАТО и максимално вклучување во процесите за успешен почеток и завршница на преговорите по поглавја за членство во Европската унија, како и во политиките за добри меѓуетнички и меѓусоседски односи.

Изложувајќи ги резултатите од претходните три години кога Владата покажа дека е можно да се обезбеди повисок економски раст и да се создаваат нови работни места, паралелно со континуиран раст на платите, премиерот Заев повтори дека и покрај здравствено-економската криза, која ја засегна нашата држава, како и останатите државите во светот, Владата ќе продолжи во остварување на заложбите за раст на минималната плата, на 20.000 денари и 34.000 денари, просечна плата до крајот на четиригодишниот мандат. Премиерот Заев исто така најави дека наскоро ќе завршат консултациите и ќе биде објавен четвртиот пакет мерки за помош на македонската економија.

– Најавивме и ќе испорачаме мандат на ред, правда и ефикасност. Мандат на прочистување на правосудството и неселективно владеење на правото. Силен ефикасен правен систем и силната посветеност во борбата против корупцијата и криминалот се исклучително важни државата, за нејзините граѓани – рече премиерот Заев, истакнувајќи ги приоритетите во насока на остварување на нашиот процес за интеграција во Европската Унија и отпочнување на преговорите и отворање на првите поглавја кои најчесто се однесуваат токму на владеење на правото.

Обраќајќи им се на пратениците при образложувањето на предлог-листата за заменици-министри во Владата, премиерот Заев, подвлече дека Владата и во новиот мандат продолжува со почитување и воведување на целосно нови стандарди во водењето на институциите, покажувајќи дека може да се работи и чесно и одговорно и професионално во име на интересите на државата.

– Сега е време да доработиме и да сработиме. Да ја исполниме нашата обврска да го испорачаме ветеното. Заедно со вас пратениците, со граѓаните, да продолжиме да пишуваме страници за иднината, на нашата демократија и заедно да го чекориме патот до подобра иднина за сите – рече Заев.