Заев: Во јули очекувам покана за влез во НАТО

323

Ако се насочиме сите кон изнаоѓањето решение, 2018 година може да биде година за паметење и за Република Македнија, но и за регионот, и за ЕУ и за НАТО. Затоа, неуморен оптимист сум и очекувам во јули покана на Македонија за влез во НАТО, истакнал премиерот Зоран Заев во интервју за магазинот CorD, кој се печати во Белград, а за свои читатели ги има претставниците на дипломатскиот кор во земјите во регионот, како и јавноста во земјите од Балканот.

На прашањето дали промените на Западен Балкан го прават фактор на стабилност во регионот или е сe уште регион што продуцира кризи, Заев потенцирал дека Западен Балкан покажа оти може да има искрени, енергични и посветени политички раководства, кои сакаат, можат и знаат да проценат што е потребно за своите граѓани, но и пошироко и се подготвени, без калкулации, да ги постават државите на вистинскиот пат.

– Ако некогаш Западен Балкан бил цврст во своите погледи кон заедничката индина, тоа е сега. И ова е многу важен момент. Ги препознавме потребите за меѓусебна поврзаност и соработка и и покажавме на Европа дека е цела, безбедна и стабилна само со целосна интеграција на сите држави што географски, историски, културно и припаѓаат. Сме фактор на стабилност на Европа, не на нестабилност, нема повеќе дилеми. За поздравување е што и Европа го препозна тоа и подаде раце кон Западен Балкан – истакнал премиерот.

На прашањето како ќе се усогласат поволните пораки од ЕУ за Република Македонија, особено по препораката за определување датум за преговори, со отвореното прашање за проблемот што Грција го има со името на нашата земја, премиерот Заев рекол дека со одлуката на ЕК за кристално јасна препорака за отпочнување на преговорите со ЕУ, се потврдија политиките на актуелната влада, со кои за само 10 месеци се откочени процеси кои беа длабоко заглавени поради неодговорното однесување на претходната власт и заради политичката криза.

– Очекувам 2018 година да донесе нови значајни позитивни промени во остварувањето на стратешките, евро-атлантски цели на државата и во квалитетот на живот на граѓаните на Република Македонија. Разговорите со Република Грција ги поставивме на пријателско и достоинствено ниво и моите очекувања се дека водат кон решение што носи добра иднина за граѓаните на Македонија и на Грција, но и на целиот регион – потенцирал Заев во интервјуто за магазинот  CorD.