Заев-Борисов: Нашите две земји се пример за новата реалност на Балканот

509

Примената на сите точки од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија се одвива многу добро, а економската соработка меѓу двете држави никогаш не била подобра, истакна македонскиот премиер Зоран Заев по денешната билатерална средба во Софија со неговиот бугарски колега Бојко Борисов.

– Тукушто завршивме уште една блиска и пријателска средба со мојот добар пријател и пријател на Македонија, премиерот на Република Бугарија, Борисов. Остваривме корисна средба, како и до сега заради тоа што сите овие наши чести контакти исполнети со конструктивни разговори, договори и планови за идни соработки. Сето тоа е резултат на нашиот Договор за пријателство, добрососедство и соработка што нашите две земји го потпишаа. Имплементацијата на сите точки од договорот оди многу добро. Економската соработка никогаш не била подобра. Имаме стабилна трговска размена од над 500 милиони евра, со пораст од 12 проценти во 2018 година и нема да престанеме додека не стигнеме трговска размена од милијарда евра, што побрзо, изјави премиерот Заев.

Премиерот Заев најави дека во тек е договарање на втората меѓувладина седница на двете држави која треба да се одржи следниот месец во внатрешноста на Република Бугарија и на која ќе се разгледуваат новите перспективи на соработка и ќе се констатираат досегашните реализирани проекти.

Заев нагласи дека особено радува интензивирањето на прекуграничната соработка. Се работи, како што рече, со посебен интензитет на отворање на новите заеднички гранични премини „Клепало“, на потегот Берово – Струмјани, и граничните премини Пехчево – Симитли и Делчево – Невестино.

– Континуитетот на изградбата на патната и железничката инфраструктура на Коридорот 8, продолжува буквално од Скопје до бугарската граница се гради од три компании огромна патна инфраструктура, првата делница од железничката инфраструктура исто така завршува, во моментов во тек е изборот на техничкиот дел од изборот на втората делница од железничката инфраструктура којашто Скопје го поврзува со Софија, рече премиерот Заев, дополнувајќи дека се работи на проектната документација на уште едно гасоводно поврзување помеѓу Република Македонија и Република Бугарија, помеѓу Петрич и Струмица.

Според премиерот Заев, зголемен интензитет на соработка на заеднички проекти, меѓу останатото, е резултат на огромната поддршка што Република Бугарија и ја пружа на нашата држава, посебно во нашите амбиции за ЕУ и НАТО интеграција.

Нашите две земји, нагласи Заев, се пример за новата реалност на Балканот. На две соседни земји кои ги надминаа минатите делби и создадоа меѓусебни односи на блиски пријатели и на меѓусебни односи на доверба. Воедно сакам да ги информирам граѓаните на Бугарија дека интензивно работиме на отворањето на комплетната инфраструктура и пристапност до локацијата на споменикот на полковник Каварналиев во областа на Дојран. Истовремено по завршување на поставувањето на споменикот на полковникот Каварналиев во областа на Дојран, којшто беше уништен низ годините наназад, ќе ја возобновиме и плочата на Кајмакчалан. Тоа не е обврска од договорот, тоа е обврска од пријателството, тоа е обврска на сите нас да ги зближиме двата народа и нашите земји, да продолжи соработката, изјави претседателот на македонската Влада.

Со Република Бугарија, како што дополни, заеднички одбележуваме празници, датуми и ликови и заедно ги празнувавме празниците посветени на светите браќа Кирил и Методиј на 24 мај во Рим, споделивме заедничко празнување на Илинден и во Скопје и во Благоевград, а заедничката мултидисциплинарна експертска комисија ќе има трет состанок на крајот на месецов.

Претседателот на Владата на Република Бугарија, Бојко Борисов во својата изјава ја нагласи зголемената соработка помеѓу двете земји и перспективите за нејзино продлабочување. Тој го нагласи поврзувањето на двете земји во повеќе области како што се културата, образованието и економијата, како исклучително значајно, соопшти службата за информирање на македонската Влада.

Премиерот Зоран Заев претходно се обрати на Стартап Самитот што се одржува во Софија, во организација на ЕУ. Тој зборуваше на првата панел дискусија на Самитот за важноста од поттикнување на дигитализација и создавање услови за развој на иновативноста и стартап бизниси како важен сегмент за дигитална трансформација на Западен Балкан.