Заев: Блокирањето на законските решенија може да го одложи распуштањето на Собранието

87

Претседателот на СДСМ Зоран Заев, денеска истакна дека во конечното законско решение опфатени се предлозите што произлегоа од работните групи и рече оти очекува Законот да влезе во собраниска процедура, одговарајќи на новинарски прашања околу Законот за јавно обвинителство.

Заев нагласи дека се прави сè за Собранието да работи во полн состав за да може да се обезбеди потребното двотретинско мнозинство, за законот, кој, како што вели е важен за европската перспектива на земјава.

– Парламентот може да го одложи распуштањето ако некој се обиде да направи ‘филибастеринг’ или блокирање на одредени законски решенија. Но секако на 12 февруари се распишуваат изборите и верувам претседателот Талат Џафери ќе го направи тоа, за да нема дилеми дека изборите се на 12 април. Сепак, верувам дека ги отстранивме сите можности за блокирање преку амандмани со тоа што правевме напори сите заедно да разговараме уште пред усвојувањето на законот на Влада – заклучи Заев.

Тој испрати директна покана до Христијан Мицкоски и повик до ВМРО-ДПМНЕ да учествуваат во овој закон, затоа што, како што кажа, сè што барале во овој период низ разговорите кои две години се водат, е веќе вградено.

– Денеска сите ќе ја видат конечната верзија на Законот, со вградени предлози на сите пратенички групи и согласно тоа тие ќе се изјаснат, имаме предвидени три дена за дебата и верувам дека пратеникот Артан Груби како претседател на надлежната комисија уште утре ќе ја свика дебатата – истакна лидерот на СДСМ и додаде дека во соработка со стручните луѓе од Делегацијата на ЕУ и американската амбасада, создадено е решение кое навистина заслужува консензус.