Заев: Безбедноста со членството во НАТО е основа за дополнителен економски раст

36

На Филозофскиот факултет во Скопје на УКИМ денеска се одржа последната од низата трибини на НАТО Караванот на која дебатираа Претседателот на Владата Зоран Заев и амбасадорот на Кралство Холандија во Скопје Дирк Јан Коп.

На дебатата со студентите премиерот Заев и амбасадорот Јан Коп се осврнаа на придобивките од нашето членство во НАТО како полноправна членка на најмоќниот воен сојуз во светот.

Премиерот Заев даде посебен осврт врз економските придобивки. Економскиот раст зависи во голема мера од способноста на земјата да обезбеди одржлив мир и стабилност, односно долгорочната безбедност и политичка стабилност.

– Безбедноста и стабилноста на земјата се основа за економски раст и развој. Тоа влијае и врз подобрување на кредитниот рејтинг на земјата и зголемување на домашните и странските инвестиции кои отворат нови работни места, раст на извозот и трговијата и побрз економски раст. Со тоа нашата економија конкурентна на големиот европски пазар, кој претставува најголем трговски партнер на Северна Македонија и во која поголем број се членки на НАТО – истакна Заев.

На дебатата, премиерот рече и дека добил цврсти уверувања од премиерот на Шпанија Педро Санчез дека ратификацијата од нивна страна ќе биде завршена наскоро и со тоа ќе се официјализира нашето полноправно членство.

Амбасадорот Дирк Јан Коп се осврна на практичните придобивки и стабилноста која произлегува од членството. Тој меѓу другото рече и дека за него е огромно задоволство да дебатира со студентите кои очекува за 20 години да ја водат Северна Македонија како лидери но и како земја членка на ЕУ.