Никос Коѕијас (десно доле) при потпишувањето на Преспанскиот договор

Грчките влади, од Константинос Мицотакис (од 1990 до 2003) до Антонис Самарас (од 2012 до 2015), практикувале неефективна тајна дипломатија, прифаќајќи, без да го признаат тоа, двојно (или тројно) име за тогашната БРЈ Македонија, со зборот „Македонија“ вклучен во секоја употреба. Тоа барем го тврди поранешниот министер за надворешни работи Никос Коѕијас (ја вршеше функцијата од 2015 до 2019 година) во неговата книга „Политичка теорија и пракса во меѓународните односи – вистини за македонското прашање и за преговорите“, која треба да излезе од печат неделава, пишува „Катимерини“ во колумната која се осврнува на книжевното дело.

Поранешниот министер за надворешни работи и архитект на Преспанскиот договор користи доверлива комуникација и други документи на грчкото министерство за надворешни работи за да ги поддржи своите аргументи, обвинувајќи ги сите политички партии од 90-те години за „неадекватна теоретска основа, ограничени сфаќања на геополитичките случувања и отсуство на интелектуална подготвеност во поглед на глобалните промени“.

– Сепак, не би било фер да се пристапи кон ваква книга исклучиво преку политичката полемика, бидејќи таа опфаќа 130 од нејзините 1008 страници. Дури и доколку книгата биде омаловажена од многуте неистомисленици на политичарот кој беше самотник и не ја практикуваше грчката логика за добри односи со сите по секоја цена, „Логиката на решението“ провоцира размислување на повеќе нивоа. Авторот никогаш не бил обвинет за прекумерна интелектуална скоромност, а тога нема да се случи ниту сега – се наведува во анализата на грчкиот весник.

Покрај намерата за пишување за историјата во која и самиот беше учесник, Коѕијас се обидува да стори нешто поамбициозно, дури иако не го признава тоа директно. Користејќи го „македонското прашање“ како пример, тој сака да ги постави принципите на начинот на размислување во надворешната политика, односно своевиден филозофски прирачник.

Многумина ќе го обвинат авторот за отсуство на самокритика, но таа исто така е присутна, под превезот на посредувањето за ограничувањата на достижното. Книгата заслужува почит поради увидот што го пружа и го освојува читателот со живоста на пишувањето, но е најинтересна кога авторот зборува за т.н. „свети крави“ во грчката политика.

Поранешниот министер очигледно цели да докаже дека Преспанскиот договор за кој тој преговараше, со единечно име за домашна и меѓународна употреба и со ревизија на македонскиот устав, претставуваше поголем успех во однос на тоа што сите претходни грчки влади и министри за надворешни работи го сметаа за достижно. Хрониките за преговорите заземаат 300 страници исплолнети со анегдоти и психолошки портрети за учесниците, како и детална анализа на договорот. Извесно е дека книгата ќе предизвика долги расправи, се заклучува во колумната на „Катимерини“.