Загадениот воздух моќен сојузник на ковид-19

411
Фото: Игор Бансколиев

Долгорочната изложеност на луѓето на честички од загадувањето ја зголемува можноста за заразување со ковид-19 приближно за 10 проценти и ја зголемува смртноста од оваа болест за 15 проценти

НОВИ ИСТРАЖУВАЊА ЗА ПАНДЕМИЈАТА

Скопје, но и други поголеми градови низ земјава, со години се на врвот на светските листи на најзагадените градови, а дополнително загрижува тоа што повеќето од поновите истражувања покажале дека бројките на заболените од ковид-19 се поголеми во местата со повисок степен на загадување на воздухот.
Имено, британскиот весник „Гардијан“ пишува дека постојат докази дека загадувањето на воздухот ја влошува состојбата со коронавирусот и влијае на зголемувањето на бројот на заразени лица и на стапката на смртност. Според весникот, оваа констатација пристигнува од научно истражување спроведено во Холандија.
– Долгорочната изложеност на луѓето на честички од загадувањето ја зголемува можноста за заразување со ковид-19 приближно за 10 проценти и ја зголемува смртноста од оваа болест за 15 проценти. Дополнително во својата обемна анализа тимот на холандските истражувачи во својот заклучок на темава зедоа предвид повеќе од 20 други фактори, вклучувајќи ги просечната густина на населението на едно место, возраста на населението, големината на домаќинствата, занимањата на луѓето и дебелината – пишува „Гардијан“.

Според медиумот, постојат научни докази од поголемите градови во Европа, САД и во Кина дека загадениот воздух ги влошува ефектите на коронавирусот врз луѓето, кој е познато дека предизвикува респираторни и срцеви заболувања, кои ги прават луѓето поранливи, а со тоа и поподложни на ковид-19.
Претходно, ваква слична констатација беше истакната и во студијата на американските специјалисти од Школата за јавно здравје на универзитетот „Харвард“. Според „Њујорк тајмс“, анализата на „Харвард“ е прва студија на национално ниво што покажала, врз основа на статистиката, „големо поклопување“ помеѓу смртните случаи од ковид-19 и други болести поврзани со изложеноста на нечист воздух.
– Луѓето што со децении живеат во многу загадени средини имаат 15 проценти поголема веројатност да умрат од коронавирус отколку оние што живеат во средина каде што има една единица или еден микрограм на кубен метар честички од прашина помалку – информира „Њујорк тајмс“.

И медицинските експерти во земјава ја поддржуваат констатацијата на посочените научни истражувања. Доктор Ратко Давидовски од Центарот за јавно здравје вели дека ПМ 10 честичките, поради својата хетерогеност, влијаат обично надразнувачки на слузницата на носот и грлото, а поради својата димензија навлегуваат длабоко во дишните патишта и предизвикуваат нивно воспаление. Ова се краткорочни ефекти, а долгорочните ефекти се што може да настанат хронични заболувања од типот на хроничен опструктивен бронхитис и астма.
Дека има логика во ваквите тврдења смета и пулмологот Дејан Докиќ иако, според него, засега сето тоа е на ниво на претпоставки.
– Има логика во тоа кај луѓето што престојувале на места со загаден воздух, ковид-19 да предизвикува фатални последици. Имено, самото загадување на воздухот прави лесни воспаленија на дишните патишта и тие се оштетуваат. Кога вирусот ќе дојде во контакт со веќе оштетените дишни патишта, може да направи само поголеми оштетувања и ништо чудно и смртноста да е поголема – вели Докиќ.

Во тој контекст, меѓу другите, интересна е информацијата што пред некој ден пристигна од градската управа, а според која, по неодамна објавениот повик за доделување субвенции на домаќинствата и на други субјекти за чистење оџаци, како една од мерките за намалување на последиците од загадувањето на воздухот, пристигнале само 99 барања.
– Една од поголемите причини за емисија на овие честички е затоплувањето на објектите што не се приклучени на централно греење, пред сѐ, поради нецелосното и несоодветно согорување на огревното дрво, несоодветниот квалитет на дрвото и начинот на негово чување и употребата на стари, дотраени и технички неисправни печки, како и нередовно чистење и одржување на оџаците. Познато е дека опасноста од затнати и неисчистени оџаци е голема. Не само што загадувањето и емисијата на ПМ 10 честички е голема туку се загрозува и безбедноста на корисниците ако не се спроведува редовно чистењето. Препорачливо е оџаците да се чистат 3 пати годишно, двапати во текот на грејната сезона и еднаш кога е таа завршена – објаснуваат од Градот.

[email protected]