„Жан Моне“: Собранието да ги води евроатлантските интеграции

167

Во Собранието на Република Македонија ќе се формира работна група составена од претставници на политичките партии, за да се поддржат имплементацијата на реформската агенда и следните чекори на процесот „Жан Моне“.
Како што информира собраниската прес-служба, на првиот дводневен неформален и отворен дијалог, политичките партии уште еднаш го потврдиле консензусот да работат заедно за земјата да се интегрира во евроатлантските структури.

Со цел да се забрза овој процес, политичките партии се заложија Собранието да ја има најефикасната улога преку употреба на сиот свој демократски легитимитет, надзорната и законодавната моќ и преку почнување серија реформи почнувајќи со итна посветеност кон усвојување нов етички кодекс и применување итни измени на Деловникот. Исто така, беше усогласена посветеност кон поопсежна ревизија на Деловникот за да се обезбеди Собранието да биде поефикасно, транспарентно и ефективно при исполнувањето на очекувањата на граѓаните за членство во ЕУ.
Европратениците Иво Вајгл, Едуард Кукан и Кнут Флекенштајн истакнале дека политичкиот дијалог е суштината на секој демократски процес и изразија задоволство од заинтересираноста и енергичната вклученост на сите политички партнери во процесот.

– Силни пораки на поддршка беа исто така упатени од страна на еврокомесарот Јоханес Хан и претседателите на двете најголеми европски политички парии – Европската народна партија и Партијата на европски социјалисти – се наведува во соопштението.
Вајгл, Кукан и Флекенштајн повторија дека реформската агенда е целосно поддржана од ЕП, вклучително и од Комисија за надворешни прашања и од делегацијата на Мешовитиот парламентарен комитет.