ЕУ тоне во спиралата на ти го – дај ми го

850
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Којзнае по кој пат се повторува старата практика дека ЕУ сè повеќе личи на ексклузивен клуб што е заинтересиран само за своите внатрешни интереси наместо за заштита на критериумите и вредностите врз кои е основана. Актуелната дебата и полемика за носењето на новиот седумгодишен буџет на Унијата го покажуваат токму тоа. По линија на помал отпор, ЕУ го толерира недемократското и крајно уценувачко однесување на Бугарија кон Македонија, стравувајќи и Бугарија да не се приклучи во клубот блокатори на буџетот

КАЛКУЛАНСТВО И КОМБИНАТОРИКИ ПРЕД НОСЕЊЕто НА СЕКОЈА ОДЛУКА НА УНИЈАТА

Бугарското вето за пристапните преговори на Македонија со Европската Унија е добро испланиран стратегиски проект на официјална Софија, која го искористи ветото што врз долгорочниот буџет на Европската Унија го ставија Полска и Унгарија за да го елиминира притисокот што би дошол врз неа однадвор.
Имено, во време кога претседавачот со Унијата, Германија, се обидува да најде начин како да го реши проблемот со Полска и со Унгарија, кои блокираа дел од пакетот од седумгодишниот буџет на ЕУ и планот за закрепнување од пандемијата бидејќи не се согласуваат со механизмот со кој европските средства се условуваат со владеење на правото, фокусот врз македонско-бугарскиот проблем е ставен целосно настрана.
Токму тој момент го искористи Бугарија за да стави вето на македонските евроинтеграции, проценувајќи дека притисокот врз неа ќе биде најмал, истовремено обидувајќи се да издејствува што повеќе бенефиции во своја полза, оценуваат аналитичарите.

Тоа може да се види и од млаката реакција на германската канцеларка Ангела Меркел, која во ситуација кога треба да се најде решение со Полска и со Унгарија не сака да загуби уште еден сојузник во таа борба, а бугарскиот премиер Бојко Борисов се покажа како нејзин доверлив партнер во изминатите години.
Борисов преку ветото за Македонија не е толку заинтересиран да се исполнат барањата што официјална Софија ги достави до Скопје, како откажување од јазикот, историјата и признавање на бугарски корени, колку што се обидува преку македонската блокада „да избоксува“ од ЕУ влез на Бугарија во шенген-зоната, нешто што би му донело дополнителни поени во пресрет на изборите во земјата. Дополнително, доколку успее нешто да добие и од барањата доставени до Македонија, тоа ќе ја зацврсти неговата позиција на бугарската политичка сцена.
На истата карта игра и неговиот министер за одбрана Красимир Каракачанов, чиј политички рејтинг е незначителен и се качува само во моментите кога игра на националистичката политика кон Македонија, сметаат познавачите на геополитичките состојби во Европа и во регионот.
– Бугарија ја користи само својата позиција на членка на ЕУ за да постигне некои нејзини надворешнополитички интереси, на ист начин како што тоа го правеа многу други претходно. И тоа е целосно легитимно. Но проблемот е во тоа што ЕУ нема желба и начин да ги обесхрабри и спречи ваквите еднострани активности на нејзините полноправни членки – смета Орхан Драгаш, соработник на Меѓународниот институт за безбедност од Белград.

На иста линија е Гунтер Ферлингер, австриски аналитичар и познавач на состојбите на Балканот, кој смета дека Бугарија го користи ветото за Македонија за да издејствува влез во шенген-зоната и во еврозоната.
– Сметам дека Бугарија сака да постигне нешто друго од ЕУ, па поради тоа ја држи Македонија во заложништво на некој начин. Бугарија сака да биде дел од шенген-зоната и од Организацијата за економска соработка и развој, а сака да биде и дел од еврозоната. Ова се вистинските причини за блокадата – вели Ферлингер.
Тој додава дека Бугарија се обидува да ги оствари овие свои амбиции со години, а сега го користи ветото за Македонија како еден вид оружје во таа насока.
Некои од домашните аналитичари сметаат дека со земјите од Балканот никогаш не може да се знае што се крие зад нивните политики, не исклучувајќи можност Бугарија да има одредени поинакви калкулации со ветото кон Македонија.
– Со Балканците не можеш никогаш да си на чисто – вели Марко Трошановски, директор на Институтот за демократија.
Според него, реално Бугарија не е во таква позиција да се пазари со ЕУ.
– Земјата има проблем со владеењето на правото, со борбата со корупцијата, економијата ѝ е слаба, така што тешко ќе го искористи македонското вето за да издејствува членство во шенген-зоната, ОЕЦД или во еврозоната. Повеќе мислам дека тоа го прави за покривање на внатрешнополитичките проблеми во земјата и подобро позиционирање во пресрет на изборите таму – нагласува Трошановски.

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски вели дека теоретски е можно Бугарија со ветото ставено врз македонскиот евроинтегративен процес да сака нешто друго да издејствува од ЕУ, иако повеќе верува дека целта на Софија е токму во она што го говорат тамошните политичари.
– Теоретски е можно, но сепак во оваа ситуација мислам дека задршките на Бугарија во однос на влезот на Македонија не се, условно речено, дупла игра за некакви други барања – вели Арсовски.
Тој додава дека и ветото на Бугарија, но и она на Полска и на Унгарија се индиција за сериозен проблем со механизмот за одлучување во ЕУ.