ЕУ не донесe одлука за почеток на преговори со Македонија

621

Министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската Унија не донесоа одлука за определување датум за почеток на преговори за Македонија и Албанија, изјави попладнево во Луксембург министерката за надворешни работи на Финска, Тити Тупураинен, по состанокот на Советот на министри за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ.

Таа додаде дека прашањето ќе биде дискутирано од страна на лидерите на ЕУ на Самитот што ќе се одржи кон крајот на неделава.

Еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, рече дека жали што не е постигнат договор и дека ова не бил најславниот момент на Европа.

-Многу жалам што членките не донесоа одлука за отворање преговори со Северна Македонија и Албанија. Ова не е најславен момент на Европа, ова е трет пат за 16 месеци да разговараме за ова важно прашање – рече Хан.

Тој наведе дека е важно да се нагласи дека мнозинството членки ја поддржале препораката на Европската комисија за почеток на преговори за двете земји.

Хан вели дека секое понатамошно одложување ќе ѝ наштети на улогата на ЕУ во регионот на Западен Балкан и на кредибилноста на нејзините амбиции да стане посилен глобален играч.

-Ние мораме да го вратиме нашиот кредибилитет во регионот на Западен Балкан и да ги исполнуваме нашите обврски. Северна Македонија и Албанија ја завршија својата домашна задача и спроведоа болни реформи. Пристапувањето во ЕУ е процес базиран на заслуги и затоа треба да прифатиме конкретен напредок – вели Хан.

Финска претходно предложи да се раздвојат преговарачките процеси за Македонија и Албанија, но ваквиот предлог не го прифатија Франција, Германија и Италија.

Франција е против ново проширување сè додека не се реформира преговарачкиот процес, а Германија и Италија стравуваат дека доколку преговорите започнат само со Македонија, Албанија вечно ќе остане во чекалницата на ЕУ.

Холандија, пак, ги услови преговорите за Македонија со носењето на закон за јавно обвинителство.