Се чини дека САД сѐ повеќе се наметнуваат како поизразен катализатор на политиката за проширување на ЕУ, особено во ситуација кога Унијата покажува намери таквата своја декларирана политика да ја стави зад врата. За аналитичарите ваквите
пораки на високи претставници на САД, но и на некои функционери од ЕУ за „итно започнување на преговорите“ се само утешни сигнали дека процесот на проширување не е мртов

Во контекстот на глобалните геополитички движења, јасно и отворено е декларирано дека македонскиот интерес на надворешнополитички план во овој миг е доминантно фокусиран на политиката на проширувањето на ЕУ, односно на конечно започнување на преговорите за членство во Унијата.
По долгогодишното вето на Грција, па ветото на Франција, повеќе од јасно е дека реализацијата на амбицијата на Македонија за евроинтеграции, последнава година е блокирана од Бугарија, која поставува услови од национално-идентитетски карактер, кои никако не се во корелација со Копенхашките критериуми за проширување на Унијата. Сепак, високи претставници на САД, но и некои еврофункционери, сѐ понагласено инсистираат на поддршката на процесот за проширување на ЕУ, нагласувајќи дека пристапните преговори со Македонија и со Албанија треба да започнат без одложување.
Имено, по неодамнешната средба меѓу државниот секретар на САД, Блинкен, и високиот претставник на ЕУ, Жосеп Борел, САД и ЕУ се согласија дополнително да го зајакнат нивниот заеднички ангажман на Западен Балкан за поддршка на напредокот на регионот на европскиот пат.

– Ја подвлекуваме нашата целосна поддршка за процесот на проширување на ЕУ. Пристапувањето кон ЕУ, наведен приоритет за целиот Западен Балкан, помага во консолидација на демократските институции, заштита на основните права и унапредување на владеењето на правото. Овој регион припаѓа на Европската Унија. Поблиската интеграција ќе ја зајакне стабилноста и ќе придонесе за просперитет на луѓето од регионот. Во овој контекст нагласуваме дека пристапните преговори со Албанија и со С. Македонија треба да започнат без одложување – е наведено во соопштението на Стејт департментот. Како треба да се толкуваат овие сигнали во однос на проширувањето во контекст и на внатрешните предизвици и проблеми со кои се зафатена Унијата?
Според логиката на мерит-системот, кој постојано го нагласува ЕУ во поглед на нејзината политика за проширување, надежта за почеток на преговорите со Македонија би била оправдана, со оглед на уште еден позитивен извештај на Европската комисија за спроведувањето на реформите. Но потпирањето на таквата логика во македонскиот случај се покажува како неоснована, со оглед дека позитивни извештаи од ЕК, земјата добива од 2009 година.
– Кога не бевме ставени на брз колосек за влез во ЕУ по промената на името на државата со Преспанскиот договор, како што стојат работите во Унијата и изразеното нерасположение за проширување – Македонија ќе се изначека за почеток на преговорите за полноправно членство. Изјавите на високи претставници на Унијата, па и на САД за „итно започнување на преговорите“ повеќе ги сфаќам ако утешни сигнали дека процесот на проширување не е умрен. И оваа блокада на Бугарија за македонските евроинтеграции се случува токму на таа линија на нерасположение во ЕУ за проширување – вели универзитетската професорка Солза Грчева, активно вклучена во македонскиот политички дискурс.

Поранешниот амбасадор Љупчо Арсовски, пак, смета дека треба со резервираност да се гледа кон перспективите за брзо проширување на ЕУ.
– Затоа мислам и дека македонските политичари (министрите) директно вклучени во процесите на преговори со ЕУ, во последно време настапуваат со резервираност во однос на надежите за брз почеток на преговорите и покрај охрабрувачките изјави на високи меѓународни претставници. Освен тоа, јасно е забележливо дека ЕУ е повеќе преокупирана со своите внатрешни предизвици отколку да се занимава со притисок врз Бугарија за да го тргне ветото за проширувањето. Треба да биде јасно дека секој нов анекс или меморандум на Договорот за добрососедство, носи нови ризици и нови консеквенции – вели амбасадорот Љупчо Арсовски.
Се чини дека САД сѐ повеќе се наметнуваат како поизразен катализатор на политиката за проширување на ЕУ, особено во ситуација кога Унијата покажува намери таквата своја декларирана политика да ја стави зад врата. Можеби затоа земјите од Западен Балкан, секако и Македонија, при барањето решение за влез во Унијата сѐ повеќе тропаат на прозорецот на САД. Но и покрај изразената поддршка за проширувањето на ЕУ од страна на САД, и понатаму се бараат одговори во колкава мера САД се заинтересирани да го употребат своето влијание за ова прашање, а во случајот меѓу Македонија и Бугарија – и во чиј интерес.

– Што и да се случува во однос на проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан, под американски притисок тоа побрзо ќе се реши и спроведе. Но нивната досегашна цел, да го прошират и стабилизираат своето влијание преку НАТО, е реализирано, па сѐ уште е нејасно колку се сериозно и силно заинтересирани да го вложат своето влијание за проширувањето на ЕУ – вели професорката Солза Грчева.
Амбасадорот Љушчо Арсовски, пак, смета дека позициите на САД во однос на Западен Балкан се чисти и јасни – сака мир на Балканот.
– Откако успеа да го неутрализира руското влијание на Балканот, САД не сакаат да им биде нарушен штитот што го поставија со НАТО. САД сакаат мир на Балканот и не им се потребни конфликти меѓу сојузниците, што би го предизвикало нерасположението на ЕУ за проширување и неисполнувањето на ветувањата спрема Западен Балкан. Во тој контекст, реално е да се очекува (како и што во неколку наврати изјавуваат високи американски претставници) дека ќе настојуваат билатералните прашања како македонско-бугарскиот спор да не го попречуваат процесот на проширување на ЕУ – заклучува амбасадорот Арсовски.