ЕУ-администрацијата „за“, но граѓаните „против“

224

Во неколку европски земји се појавија различни облици на протести против владините мерки за натамошно затворање на населението. Со отворените протести и нереди, некои од граѓаните го искажуваа својот револт и против вакцинацијата, односно имунизацијата. Во некои земји протестите се преобликуваа во јавен бунт и нарушување на јавниот ред и мир, несвојствено за ЕУ. Со еден збор, новата реалност предизвика лавина гневни и насилни реакции кај граѓаните што имаат потенцијал, исто како и коронавирусот, многу брзо да се прошират низ Стариот Континент и пошироко

Европа подготвува нови ригидни антиковид-мерки

Пандемијата на коронавирусот се чини како повторно да ја затвора Европа, наспроти оптимистичките најави за сѐ поширокиот бран вакцинирање, за намалување на бројот на новозаразени, за напредокот на медицинските истражувања. Редица мерки воведуваат европските земји за да ги заштитат своите граѓани, кои почнаа да се надеваат дека стегите ќе попуштат и дека полека сите ќе се вратиме во „старото нормално“. Но, очигледно, рано е за оптимизам. Дотолку повеќе што во неколку европски земји се појавија различни облици на бунт против владините мерки за натамошно затворање на населението, односно против вакцините во други земји. Со еден збор, новата реалност предизвика бурна реакција кај граѓаните.

Холандија „гори“

Во Холандија ситуацијата е особено сериозна. Искршени стакла по улиците, уништени излози на продавници, оштетен приватен имот, запалени велосипеди и судири со полицијата, ваква е сликата што може да се сретне по улиците во неколку града низ Холандија изминатите три вечери.
Во неделата во Амстердам, на Плоштадот на музеите, на протестот учествуваа околу 1.500 лица, а полицијата употреби водени топови да ги растера демонстрантите. Судири меѓу полицијата и демонстрантите во понеделникот имаше и во Ротердам, Ајндховен, Харлем, Ден Бош. Ситуацијата беше посериозна во Ајндховен, каде што стотината демонстранти запалија возило и фрлаа камења и пиротехнички средства кон полицијата, кршеа прозорци и ограбија продавница на железничката станица во градот.
Холандскиот премиер Марк Руте во понеделникот ги осуди немирите низ целата земја, во кои демонстрантите ги нападнаа полицајците и подметнуваа пожари.
– Ова нема никаква врска со протест, ова е криминално насилство и ние спрема него ќе се однесуваме така – рече Руте.
Тој додаде дека насилството нема никакво влијание врз мерките и дека полицискиот час останува неопходен како дополнителна мерка за заштита од ширење на вирусот.
– Немирите немаат ништо со фундаменталното право на протест – напиша на Твитер Хенк ван Ессен, шеф на Националната полиција, и побара да се почитува полицијата, која веќе три ноќи се соочува со немирите.

Досега се приведени неколку стотици лица што учествуваа во немирите. Медиумите пренесуваат дека има приведено момчиња што се помлади од 18 години и дека нивните родители се повикани на разговор.
Министерот за правда Ферд Граперхаус рече дека оние што учествуваа во немирите ќе се соочат со многу високи казни, бидејќи направија голема штета од неколку десетици илјади евра.
– Ова е криминал. Многу луѓе веќе се приведени, тие луѓе може да очекуваат високи побарувања за отштета. Гледам момчиња на возраст од 20 и 21 година, кои се на почетокот на нивниот работен век, а веќе се соочуваат со казни за отштета од десет илјади евра – изјави Граперхаус, а пренесува „АД њуз“.
Рано изутрина жителите на Ден Бош преку социјалните медиуми се организираа и почнаа со чистење на градот. Медиумите пренесуваа како граѓаните со метли го метат градот од искршените стакла.
– Вистинскиот жител на Ден Бош не ги уништува својот град и продавниците, навистина е тажно да се гледаат видеата од немирите, нашето срце плаче поради градот – рече Моник де Клеин од Здружението на бизниси во Ден Бош за националната телевизија НОС.

Коментарите од граѓаните за национална НОС се дека сакаат да престанат немирите и штетите врз имотот, сметаат дека уништувањето не е во ред и не сакаат да живеат во немири.
За заштита од ширење на ковид-19 во Холандија, училиштата и продавниците што не продаваат неесенцијални работи се затворени од средината на декември, а кафулињата и рестораните се затворени од октомври и работат само по принципот на достава или сам да подигнеш кафе и храна за носење. Библиотеките и спортските клубови се исто така затворени, а училиштата имаат онлајн настава. Хотелите остануваат отворени, но нивните ресторани не работат. Храна и пијалаци на тие што престојуваат во хотелот може да им бидат однесени во собата, но не и да имаат оброк во ресторанот. Уште од март речиси сите компании воведоа работа од дома.

Во Белгија засега мирно ги примија новите мерки

Во Белгија засега нема немири во врска со новите мерки што ќе се воведат од денеска, ниту, пак, се чувствува влијание од немирите во Холандија. Ова е поради тоа што овде бројките се подобри од сите соседни земји, а мерките се стабилни од октомври, со извесни измени од регион до регион. Рестораните и кафулињата остануваат затворени најрано до 1 март, а фризерниците ќе отворат на 13 февруари доколку бројките се стабилни (одлуката ќе се евалуира на 5 февруари).
Новите мерки се поврзани главно со патувањата во и од земјава. Идејата е да се спречат увозот и понатамошното ширење на новите варијанти на вирусот, особено од Африка и од Англија. Па, така, Владата донесе одлука за воведување привремена забрана за патувања во и од земјата за туристички и рекреативни цели.
– Забранети се патувања за рекреативни и туристички цели кон и од Белгија од среда 27 јануари до понеделник 1 март 2021 година. Проверки ќе се вршат од страна на полицијата на сите гранични премини по копнен (друмски и железнички), морски и воздушен пат.
-Секој што ќе се пресели од и во земјава задолжително треба да поседува изјава, која ќе биде достапна онлајн. Изјавата треба да биде поткрепена со документи – докази со кои ќе се оправда преселбата.
– До 1 март се дозволени само патувања од неопходен (нужен) карактер.
Секој нерезидент што патува во Белгија треба повторно да биде тестиран по пристигнувањето во Белгија, покрај задолжителниот негативен тест пред поаѓањето. Ова може да се направи со ПЦР-тест или со брз тест за антигени.

Цела Европа се затвора дополнително

Европската комисија во понеделникот предложи воведување нови категории во означувањето на епидемиолошката карта на Европа. Овде, во Брисел, особено внимание предизвика истакнувањето „темноцрвени зони“ за подрачјата во кои двонеделната стапка на заразени е над 500 на сто илјади жители. За овие подрачја се препорачува избегнување на сите патувања што не се неопходни. Тие што ќе патуваат, пред поаѓањето ќе треба да се тестираат, а по враќањето да одат во карантин. Предвиден е цел сет мерки и за оние земји што се означени како помалку ризични.
– Тестирањето ќе биде задолжително за сите патници што влегуваат во ЕУ, вклучувајќи ги и оние што се т.н. „битни“ патувања. ПЦР-тестот за влез во Унијата мора да биде стар најмногу 72 часа – вели комесарката за внатрешни прашања Илва Јохансон.
Според официјалните информации достапни во Брисел, а што се однесуваат до европските земји, Грција веќе започна со издавање дигитални сертификати за вакцинација на коронавирус на своите граѓани. Иако се очекува воведување ваков документ и за странски туристи, многумина се загрижени, бидејќи не сакаат да пропадне уште една туристичка сезона. Затоа, се бараат алтернативни можности за патување на туристите.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, презентирајќи го својот план за воведување единствени сертификати за ЕУ, истакна дека идејата е да се создаде „брза лента“, што ќе ги оживее туризмот и рекреацијата и ќе им овозможи на граѓаните слободно и без ограничувања да се движат од земја во земја.

За Германија сме ризично подрачје

Сите лица што престојувале во ризична област десет дена пред влезот во Германија мора начелно да одат во карантин откако ќе влезат во оваа држава, објави сојузната влада на Германија. На списокот на земји што во рок од седум дена имаат повеќе од 200 новозаболени на 100.000 жители се најде и Македонија, со што, според официјалниот документ, од 24 јануари е назначена како „ризично подрачје, со особено голем ризик на инфекција од ковид-19“.
– Сите лица се дополнително обврзани најмногу 48 часа пред влезот да направат ковид-тест, чиј резултат треба да го носат со себе на хартија или како електронски документ на германски, англиски или француски јазик и веднаш да ѝ го приложат на надлежната служба по барање, а пред да тргнат на пат да се пријават на веб-страницата www.einreiseanmeldung.de – информираат германските власти.
Дека во Германија состојбата е навистина сериозно зборува и веста што доаѓа оттаму, дека голем број германски музичари поради пандемијата ја разгледуваат можноста за промена на професијата. Според истражувањето на покраинскиот совет за музика на Берлин, 29 проценти од музичарите не гледаат никаква деловна перспектива и планираат да ја сменат професијата или веќе нашле друга работа. Речиси една половина од анкетираните, поточно 46,6 проценти бараат финансиска помош и се надеваат дека ќе можат да ја обноват професионалната егзистенција годинава.
И во Полска ситуацијата е сериозна, па претседателот Анджеј Дуда изрази разбирање за очајот на луѓето што ги отвораат своите компании, и покрај рестриктивните мерки воведени поради ковид-19, но потврди дека тие сепак мора да бидат казнети поради кршењето на ограничувањата пропишани од Владата.

Дуда реагираше на постапката на движењето „Ние отвораме“, кое ги претставува стотиците сопственици на претпријатија што ги отворија своите ресторани, хотели, жичници, центри за фитнес и слични компании низ земјата за да го избегнат пропаѓањето како резултат на продолжувањето на „заклучувањето“ во јануари.
Баровите и рестораните во Чешка беа отворени во саботата во знак на протест поради владините рестрикции поврзани со пандемијата, поради кои се затворени од минатиот октомври.
– Многу сме разочарани од Владата и сакаме да ѝи покажеме дека одбрала лош пат. Доста ни е, мислиме дека министрите треба да размислуваат за оставка – изјави за Франс Прес Јиржи Јаначек, директор на една пиварница блиску до Прага, коосновач на движењето што ја организира акцијата.
Граѓаните го прифатија предизвикот, па во саботата напладне локалите беа наполу пополнети со гости што уживаа со чаша пиво, како и цели семејства што се решија за семеен ручек додека келнерите работеа со полна пареа.

Турција подготвена да почне со производство на вакцини

Турската фармацевтска куќа „Вискоран иљач“ е подготвена да произведе милиони дози од руската вакцина против коронавирусот „спутник 5“, веднаш по преносот на релевантната технологија, изјави првиот човек на компанијата Озтурк Оран. Турската фармацевтска компанија ги почнала преговорите со Рускиот фонд за директни вложувања уште минатиот април.
Во Црна Гора сѐ уште нема место за опуштање кога станува збор за епидемиолошката ситуација, која е сложена, а притисокот на здравството е голем, така што останува да важат сите досегашни мерки. Како посебно загрижувачки податок што доаѓа од таму е фактот дека околу 6.000 жени во Црна Гора останале без работа од почетокот на пандемијата, а во услови на забрана на излегување и движење дошло до пораст на насилството врз жените.
Во Бугарија, укажувајќи на сериозноста на ситуацијата, премиерот Бојко Борисов им се обрати на угостителите, потсетувајќи ги дека пред еден месец немало слободен кревет во болниците.
– Нека се сетат сите како беше пред еден месец, кога луѓето умираа во амбулантните возила. Немаше кревети по болниците, на луѓето им беше тешко, се бореа за кревет. Тоа беше пред само еден месец – рекол Борисов, барајќи воздржаност и дисциплина.
Хрватска денес има најмалку новозаразени од коронавирус од половината на септември минатата година, но Националниот штаб нема намера да ги попушти епидемиолошките мерки до крајот на јануари, а од наредниот месец одлуките ќе се носат во согласност со епидемиолошката ситуација. Иако на завчерашниот состанок на Националниот штаб не се донесени конкретни мерки, сепак се дознава дека е постигнат благ консензус за извесни попуштања од 1 февруари, пред сѐ во областа на спортот и рекреацијата, а било поставено и прашањето за отворање на рестораните и кафулињата, на што сепак ќе се причека.

Специјално за Нова Македонија Маја Трајковска од Амстердам / Лорета Трајкоска од Брисел