Фото: Игор Бансколиев

Ицо Најдовски-Перин, активист за правата на Македонците во иселеништво

Магистерот по мултикултура и доктор по историски науки, долгогодишен активист за човекови права на Македонците во соседните држави и во иселеништвото, Ицо Најдовски-Перин деновиве допатува од Мелбурн, каде што живее и работи долги години, за да биде во средиштето на актуелните случувања во татковината.

Како гледате на спогодбата од Преспа, која ќе биде дел од претстојниот референдум?
– Преспанскиот договор е капитулантски, понижувачки, антимакедонски и антиуставен. Тоа не е договор, туку е наметнат нов устав на РМ на 19 страници. Најпогубниот дел за македонскиот народ и за Македонија од тој договор се членот 1, точка 3, и членот 1, точка 12. Имено, со точката 3 се брише името на македонскиот народ и идентитет, а со точката 12 од страна на Грција децидно се бара Македонија да направи промена на Уставот, особено во најзначајниот дел, преамбулата, членот 3 и членот 49. Овие промени во Уставот не се познати за јавноста, затоа што ако се обелоденат, револтот кај македонскиот народ ќе биде голем. Според мене, во преамбулата ќе се избрише Илинденското востание, од каде што се црпат идеалите за формирање сопствена држава на македонскиот народ, идеали што се опфатени со асномските одлуки од 1944 година, со формирањето на Социјалистичка Република Македонија и конечно реализирани со независноста на Република Македонија во 1991 година. Тоа ќе се замени со новата преамбула дека македонскиот народ и албанскиот народ ќе бидат носители на државноста со другите етнички заедници или, пак, втората опција е Македонија да биде држава на граѓани, Македонци, Албанци, Турци, Власи… Ова кажува дека македонскиот народ ја губи државотворноста како носител на суверенитетот и интегритетот на Република Македонија.

Кои други точки се особено критични?
– Повторно ќе се вратиме на членот 1, точка 7, каде што ни е забрането да се употребува името Македонија. Бришењето на идентитетот на македонскиот народ продолжува со членот 1, точка 3, алинеја Ѓ, каде што придавката „северна“ ќе ја замени „македонска“, па наместо Македонска телевизија ќе имаме Телевизија на Република Северна Македонија, ќе имаме Академија на науките и уметностите на Северна Македонија, а не македонска, и така по ред сите државни институции. Од друга страна, нема никакво барање Албанскиот театар да се преименува во Театар на Албанците во Република Северна Македонија.

Вие сте активни на полето на човековите права на Македонците во соседните држави. Во случајов, посебно укажувате на состојбата на Македонците во Грција.
– Тука е клучен членот 7, каде што во ниту една точка на овој антимакедонски договор не пишува дека Грција признава македонска етничка припадност и македонски јазик. Во точка два од истиот член стои дека во однос на првата страна овие термини ги означуваат не само областа и народот во северниот регион на првата страна, туку и нивните одлики, како и елинската цивилизација, историја, култура и наследство на тој регион од античко време до денес. Во точката 3 стои дека во однос на втората страна (Македонија), ја означуваат нејзината територија, јазик, народ и одлики со нивната сопствена историја, култура и наследство, кои се особено различни од оние што се наведени во членот 7, став 2. Тука воопшто не се споменуваат македонски јазик, македонска цивилизација, македонска историја, наследство, за разлика од членот 2, каде што децидно се наведува елинската цивилизација од античко време до денес. Тоа значи оградување и цементирање на митот дека во северниот дел на Грција живеат само Елини, додека во РМ, или Северна Македонија, според договорот, живеат луѓе со нивната „сопствена историја, култура и наследство“. Со други зборови, дека сме безимени луѓе. Исто така можеме да кажеме дека членот 7, точка 1, подобро и да не постои. Со членот 7, Грција не презема никаква обврска во иднина да признае македонски идентитет и јазик и арогантно ни праќа порака „можете да се викате како што сакате во вашето мало гето, но ние воопшто не го признаваме и ќе продолжуваме да ве ословуваме во согласност со нашите национални интереси внатре во Грција и на меѓународно поле“.
Двете страни изјавуваат дека официјалниот јазик и другите одлики во Македонија не се поврзани со античката елинска цивилизација, култура и наследство од северниот регион на првата страна. Со овој чин Република Македонија се откажува од постоењето на етничките Македонци во Грција и се формираат два различни етникума, со две различни култури, јазик итн.
Уште би додал дека комисиите влегуваат во ревизија на учебниците во Македонија и особено значајно за нас е дека ќе пишува Гоце Делчев роден во Килкис, Мисирков роден во Пела и така натаму. Ние во нашите учебници ќе немаме право топонимите, на пример Лерин, Воден, Солун, воопшто на градовите и селата на македонски јазик да ги внесеме во учебниците. А тоа е членот 8, точка 4 и точка 5.

Досега во повеќе наврати имате реагирано и на договорот за пријателство со Република Бугарија.
– Да. Многу штетен (не)пријателски договор со Бугарија, затоа што уште во преамбулата на тој договор пишува дека македонскиот народ и бугарскиот народ имаат заедничка историја, која ги поврзува двете држави и двата народа. Тоа е преседан во светот, два различни народа да имаат заедничка историја. Со овој договор Македонија се откажа од историјата на сопствениот народ со членот 8. Исто така, се откажа од македонското малцинство во Бугарија со членот 11, точка 5, каде што пишува дека Република Македонија потврдува дека ништо од нејзиниот устав не може и не треба да се толкува дека претставува или некогаш ќе претставува основа за мешање во внатрешните работи на Република Бугарија, со цел заштита на статусот и правата на лица што не се државјани на Република Македонија. А тоа се етничките Македонци што живеат во пиринскиот дел во рамките на Бугарија. Историјата не познава суверен народ што во соседните држави нема свои малцинства.