Електронските здравствени картички останаа само спомен

403
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во ова време на пандемија кога многу сектори се дигитализираа, кога компјутерите станаа средства за држење настава, за работа од дома и за секаква конференциска и друга комуникација, само пациентите и лекарите не можат да ги користат напредните технологии и сѐ уште се служат со старите книшки и книжен картон за евиденција на пациентите. Електронските здравствени картички останаа неупотребливи, а на нив требаше да бидат сите медицински податоци, нешто што требаше да овозможи подобар квалитет на здравствените услуги, но и брза реакција при итни случаи што сега во услови на пандемија на коронавирусот можеби ќе беше од огромна полза

РЕФОРМА ШТО МНОГУ ВЕТУВАШЕ, НО…

Електронските здравствени картички веќе со години сите ги носиме во нашите паричници со други лични документи, но нивната употребна вредност од поодамна е еднаква на нула. Сѐ уште граѓаните кога бараат здравствени услуги кај лекарите одат со оние стари здравствени книшки со големина на тетратки. Во ова време на пандемија кога многу сектори се дигитализираа, кога компјутерите станаа средства за држење настава, за работа од дома и за секаква конференциска и друга комуникација, само лекарите не можат да ги користат напредните технологии и електронските картички и сѐ уште се служат со старите книшки и книжен картон за матичната евиденција на пациентите. А за изработката на електронските здравствени картички во 2009 година кога и започна процесот за целосна имплементација на електронското здравство, меѓу другото се предвидуваше и изработка на два милиони електронски здравствени паметни картички и електронски здравствени картички за осигурените лица во земјава. Исто така беа предвидени инсталирање инфраструктура за дигитални сертификати, персонализација на картичките со дигитален сертификат, потоа тренинг-подршка за вработените во ФЗОМ, хардвер и софтвер за функционална поддршка, читач на картички, баркод-скенери… Уште поважно е што сите медицински податоци требаше да бидат на електронската здравствена картичка, нешто што требаше да овозможи подобар квалитет на здравствените услуги, но и брза реакција при итни случаи. И не само што тогаш министерството потроши голема сума пари туку и граѓаните на уплатница со сите лични податоци и матични броеви мораа во банка да уплатат по 300 денари за да ги добијат електронските здравствени картички, кои и по толку време не можат да ги користат. За проблемот со електронските здравствени картички се обративме во Министерството за здравство со прашање дали и кога електронските здравствени картички ќе станат употребливи или можеби ќе се изработуваат нови. Од ресорното министерство за поконкретен одговор нѐ препратија до Фондот за здравствено осигурување.

Од ФЗО појаснуваат дека проектот за електронска здравствена картичка бил проект за кој договорот за јавна набавка го склучил Министерството за здравство, додека оперативните активности за неговата имплементацијата ги изведувал Фондот.
– Во рамките на своите надлежности и можности, Фондот во минатото имплементираше серија електронски услуги каде што електронската здравствена картичка најде своја примена или поточно сертификатот во чипот на истата таа се користеше за проверка и докажување на идентитетот на осигуреникот и за дигитално потпишување документи. Фондот има развиено над триесетина електронски услуги каде што картичката се користеше, а со овие е-услуги беа покриени над 80 отсто од услугите што осигурениците, здравствените работници и компаниите можеа да ги остварат во подрачните служби на Фондот. Самата картичка или поточно сертификатот во истата таа имаше своја определена важност, која во моментот на нејзино издавање изнесуваше пет години од моментот на издавање, како впрочем што имаат и сите картички. Но на најголем дел од издадените картички, важноста на нивниот сертификат е помината – велат од ФЗО.

На електронската здравствена картичка требаше да бидат основните податоци за осигуреникот, кои требаше да овозможат меѓусебна електронска комуникација помеѓу матичните лекари, болниците, специјалистите и преостанатите субјекти во здравствениот систем. Од друга страна, требаше да се добие и финансиска заштеда преку преоѓање на електронско работење (електронски упат, електронски рецепт), кои ќе ги заменеа хартиените упати и рецепти. Граѓаните, пак, ќе добиеја можност преку интернет да пристапат на сигурен начин до сопствените податоци и корисни информации.
– Електронските картички ние докторите малку ги користевме, кога ги пријавувавме пациентите и кога потпишувавме фактури. Но за пациентите сѐ уште ги користиме хартиените картони, бидејќи во нив имаме евиденција за пациентот. Тој процес со електронските здравствени картички не е завршен докрај, иако за пациентот нешто забележуваме во „Мој термин“ но не сѐ. Тие електронски картички се истечени, невалидни, а требаше да се пополнат со податоци. Дел од тие дејства што требаше да ги правиме со електронските картички сега ги работиме преку „Мој термин“. Секако ако тие картички профункционираа веројатно ќе беа од корист, практиката ќе покажеше – смета д-р Павлина Мојсова, матична лекарка во поликлиниката „Јане Сандански“ во Скопје.

Од ФЗО, пак, додаваат дека во меѓувреме, во последните неколку години се промениле европските регулативи што ја обработуваат проблематиката на дигиталните сертификати (соодветно овие промени беа вградени и во македонската законска регулатива) со што одредбите за дигиталните сертификати станале поригорозни, а истовремено се намалила и важноста на дигиталните сертификати. Фондот во минатото на неколку наврати имал обиди (преку информации до надлежните институции што ја носат одлуката) за продолжување на континуитетот на електронските здравствени картички, но овие иницијативи и барања на Фондот не дале плод.
– Електронските здравствени картички се користеа во информацискиот систем на Фондот, но поради истекување на важноста на сертификатот најголем дел од истите тие не може да се користат. Фондот во рамките на своите надлежности воведе употреба на електронските здравствени картички во своите ИТ-системи, за што јавноста, како и сите релевантни чинители во здравствениот сектор беа информирани.

Дали се планира изработка на нови електронски здравствени картички, би сакале да укажеме дека овој проект е проект на Владата. До овој момент во Фондот нема пристигнато насоки или информации дали да се подготвува ваков проект. Според нашите сознанија, Министерството за информатичко општество и администрација имплементираше систем на национален електронски идентитет и препораките се сите институции да се интегрираат кон овој систем, па се очекува и овој систем да биде на некој начин замена за функционалностите што ги имаше сертификатот од електронската здравствена картичка – додаваат од ФЗО и појаснуваат дека историски гледано во минатото електронската здравствена картичка им ја олеснуваше работата на здравствените работници. Но велат дека од денешна перспектива технологијата на ова поле доста е напредната и постојат посовремени и поедноставни технологии што би ја замениле функционалноста на електронската здравствена картичка.