Експериментот на меѓународната за франкенштајн-коалицирање

161
Фото: Игор Бансколиев

Во Европа се води жестока дебата како да се решат проблемите со фрагментирањето на политичката сцена, односно за формирањето неприродни или т.н. франкенштајн-коалиции, кои создаваат нефункционален амбиент. Имено, ваквите појави спречуваат ефикасно функционирање дури и на развиените демократски држави. Македонија одамна се мачи со слични проблеми, но е исклучителна по тоа што однадвор ѝ го имаат наметнато правилото по секоја цена да формира коалициски влади според национален клуч, што прави дополнителна хаварија врз принципите на функционалноста на државата

Белгија со месеци се обидува да формира влада по последните федерални избори во мај. Тоа и не изненадува, имајќи предвид дека државата помина рекордни 541 ден без влада по изборите во 2010 година. Маратонските разговори сугерираат дека постои многу малку заедничка основа помеѓу главните партии за да можат да формираат коалиција. Ова е само еден од предизвиците на развиените демократски држави во Европа.

На Стариот Континент во моментот се води жестока дебата во врска со оваа појава, како и за трендот за формирање неприродни или т.н. франкенштајн-коалиции, кои ја намалуваат функционалноста на владите и самите држави. Странските соговорници ја посочуваат Белгија како пример за тоа. Но во исто време тие нагласуваат дека политичката стабилност зависи и од цврстината на демократските институции, кои гарантираат непречено функционирање на државата и без влада. Ситуацијата во Белгија не е единствена. Еднопартиските влади сега се исклучок, а не правило во цела ЕУ, оценува Јуроњуз.

– Политичкиот пејзаж е толку фрагментиран што е тешко да се најдат две партии што можат да владеат заедно, да обезбедат мнозинство или да најдат заедничка основа – вели Ерик Морис од фондацијата „Роберт Шуман“.
Иако компромисот се смета за основа на европскиот проект, сепак, понатамошното фрагментирање на политичката сцена може да доведе до неочекувани последици. За трендот на политичка фрагментација во Европа со месеци се зборуваше пред и по изборите за Европскиот парламент во мај годинава, на кои се најавуваше голем подем на т.н. евроскептични и популистички партии. Сепак, како што посочуваат мнозинството аналитичари, политичкиот ризик и понатаму е во пораст во Европа, поради раширеното чувство дека традиционалните умерени левичарски и десничарски политички сили не можат да одговорат на барањата на милиони граѓани, па гласачите бараат нови опции, кои често се поекстремни. Разните економски, финансиски, должнички и мигрантски кризи доведоа до пад на популарноста на традиционалните големи партии во Европа и до појава на нови опции што се борат против естаблишментот. Во обидот да ја вратат поддршката од гласачите, традиционалните умерени партии почнуваат да прифаќаат позиции од екстремната десница или левица, кои до вчера ги критикуваа како опасни за демократијата, човековите права, владеењето на правото и за негувањето на т.н. европски вредности.

Како што оценува Стратфор, последиците од политичката фрагментација во Европа се видливи во повеќе земји и во наредните години, социоекономското и политичкото раситнување ќе се зголеми, особено зашто многу економии почнуваат да забавуваат.

Франкенштајн-коалиции

Примери за поместувања кон политичките екстреми или за неприродни коалиции има во повеќе земји во Европа. Еден пример е Австрија, каде што конзервативците на Себастијан Курц обезбедија сигурна победа на изборите во септември откако им „украдоа“ над 250.000 гласа на бившите коалициски партнери од крајната десница. Сепак, тие во процесот прифатија многу позиции на ултрадесницата, а тоа, како што посочува „Њујорк тајмс“, поттикна повеќе аналитичари да го постават прашањето – кој кого асимилирал.
Друг пример е Германија, каде што разграноци на умерената десничарска демохристијанска партија на канцеларката Ангела Меркел одбија да го послушаат раководството и го скршија долгогодишното табу против коалицирање со крајната десница. Тие што коалицираат тврдат дека тоа го прават „во име на демократијата“, додека други предупредуваат: „И нацистите дојдоа на власт со коалиција и на крајот умре демократијата “. АРД објави оти досега открил најмалку 18 случаи на соработка меѓу умерената и крајната десница во Германија.

Коалиции што водат кон уште поголеми поларизации

Ваквите примери водат кон уште поголема поларизација на општествата, а не кон решавање на проблемите и подобрување на условите на живот на граѓаните, од каде што и потекнува незадоволството. Политиката денес е фрагментирана затоа што многу гласачи сакаат промени, но промените не се можни без влади со силна поддршка, кои би се нафатиле да спроведат. Од друга страна, партиите тешко можат да ги надминат идеолошките разлики едноставно заради обезбедување стабилност и одговорност, бидејќи гласачите можат да ги отфрлат таквите обиди како неефикасни или како обид за остварување тесни партиски интереси. Исто така, преговорите за формирање коалиции и за регрутирање партнери стануваат посложени бидејќи, како што покажуваат статистичките податоци, улогата на помлади коалициски партнери често води кон поголеми загуби на наредните избори. Како тогаш да се надминат политичките ќор-сокаци, без да се формираат неприродни коалиции, а да се има на ум доброто на сите граѓани?

Македонскиот случај со наметнатото етнопартиско владино коалицирање

Какви лекции може да извлече Македонија од ваквите жестоки дебати што во моментот се водат во европските држави со развиени демократски системи? Проблемите со големите (етнички) поделби во гласачкото тело, незадоволството на избирачите од неволноста или од неможноста на политичките партии да го подобрат животот на граѓаните, како и перманентното рециклирање на заканата за политичко-безбедносна дестабилизација, како и на блокади на најважните политички институции, се присутни и во Македонија. Сепак, земјата е „уникатно дисфункционализирана“ во однос на наметнатото, вештачко правило дека секогаш мора да има коалициска влада според национален клуч, без разлика дали има или нема совпаѓање во политичките програми на поединечните партии.

Во пресрет на секои избори во земјава одново се поставува прашањето колку ваквата наметната практика може да се напушти.
Партиите се обвинети дека во предизборието главно им се обраќаат на „своите“ избирачи наместо да се обидат да ги урнат етничките бариери и да коалицираат програмски, во интерес на апсолутното мнозинство граѓани. Има индикатори дека некои лидери и партии намерно предизвикуваат меѓуетнички поделби само за да ја зајакнат поддршката на гласачите на кои им се обраќаат (?!)

Сепак, останува ирационално наметнатата однадвор политичка практика, по одржувањето на изборите, партиите да формираат коалиција според македонско-албански клуч, без разлика на совпадливоста на нивните програми. Но во таков случај, кога програмите на политичките партии може да се и се противречни, а коалицијата е „изнудена“ само за да се испочитува наметнатото правило, формираниот „двоетнички“ политички сојуз всушност не го јакне меѓуетничкиот соживот во државата туку, напротив, дополнително го разјадува. Она што прави всушност е што води директно кон дводомност на столбовите на власта, уривајќи го постепено од осамостојувањето, унитарниот карактер на државата. Во една таква ситуација постојано имаме „влада во влада“ (или паралелни влади) во која единствена врска меѓу партиите од коалицијата произлегува од вештачки и неприродно наметнатото правило, а не од заедничките политички програми и интереси. Дали мотивот за опстојување на таквите коалиции е поделба на коалицискиот колач на теснополитички елитистички бенефиции? Можно е, бидејќи граѓаните не видоа досега низ годините напредок за нив. Интересен е и фактот што оди во прилог на гореспоменатото, дека и партиите (носители на владина коалиција, во сите влади досега) во одредени услови дури и го користат коалицискиот партнер како изговор за лошите постапки и резултати (неможност да се дејствува зашто партнерот бил „наметнат“, а не „природен“).

Леонид Бершидски, колумнист на Блумберг, кој ги анализира проблемите на европските демократии, заклучува дека политичките елити треба да се охрабрат и што побрзо да спроведат радикални промени за да најдат излез од ќор-сокакот на франкенштајнските коалиции. Сличен заклучок може да се извлече и за уникатната ситуација во македонскиот политички систем, кој е заснован на наметнатото правило за коалицирање според националниот клуч. Тоа правило е веќе анахроно. Македонија има потреба од власт што ќе може да спроведува неопходни реформи за доброто на сите граѓани, без разлика на нивната припадност, каква и да е таа.

Белгија помина 541 ден без влада по изборите во 2010 година

Предлози за излегување од ќор-сокакот на неприродните коалиции

Леонид Бершидски, колумнист на Блумберг, смета дека политичкиот ќор-сокак би можел да се надмине ако се преземат делови од скандинавскиот модел, кој е пријателски расположен кон малцинските влади. Како што посочува тој, изборот на премиер во Норвешка не бара мнозинска поддршка во парламентот, како во Шпанија или во Германија. Владејачката партија е обично само мнозински победник на изборите, додека помалите партии честопати покажуваат аверзија кон коалицирањето. Тие сметаат дека можат да постигнат повеќе во опозиција, помагајќи да се формираат ад хок мнозинства само за мерките што можат да ги поддржат наместо да дејствуваат во рамките на владините коалиции. Од друга страна, во Шведска е потребно гласање за потврда на Владата, но само за да се осигури дека апсолутното мнозинство во парламентот не се противи на новиот премиер. Така, законодавците треба само да ја толерираат, а не активно да ја поддржуваат Владата.
Малцинската влада им дава голема моќ на партиите што добиле најмногу гласови на изборите, но тие мора да работат поактивно со опозицијата отколку партиите што владеат во мнозински коалиции. Предноста е во тоа што сите партии можат да ги задржат своите политички идентитети и да прават само компромиси што можат искрено да ги прифатат граѓаните.
Носењето одлуки без стабилни мнозинства би можело да биде уште поефикасно ако се рангираат преференциите и за нив се гласа, при што пратениците би можеле да рангираат различни верзии на предлог-законите за да можат да излезат од евентуалниот ќор-сокак. Таква процедура би ѝ овозможила на малцинската влада да ја обезбеди најважната легислатива, но нема да ја отстрани потребата од компромиси. Дел од опозицијата, без оглед колку е фрагментирана, во одредени случаи би можела да се обедини околу алтернативни мерки и да собере поголемо мнозинство од Владата.

[email protected]