Екоодговорноста фрлена низ автомобилски прозорец

79

Никако да се одвикнеме од фрлањето ѓубре додека патуваме со возила по патиштата низ Македонија

Лименки, пластични чаши и шишиња, догорчиња, непотребни амбалажи, наместо зеленило и живописни пејзажи по должината на нашите патишта низ земјава. Речиси цели диви депонии се создадени со нашата негрижа и еконеодговорност на паркиралиштата и одморалиштата за патници. За голема жал, сѐ уште на патниците од моторните возила најлесно им е да го фрлат непотребниот смет преку прозорецот од автомобилот во движење. За жал, и местата за одмор во текот на патувањата се преполни со ѓубре, а, како што многумина знаат да констатираат, „превојот Стража меѓу Гостивар и Кичево не може да се замисли без кучиња скитници и многу ѓубре“. А фотографија од ова место деновиве беше споделена и на социјалните мрежи од граѓани што исто така ја евидентирале грдата слика со премногу ѓубре покрај патот. И не само таму, сведоци сме дека ѓубре се остава на сите места за одмор од патиштата низ земјава, без исклучок, како и на сите излетнички места што летово поради корона-кризата и долгиот престој во затворено беа многу попосетени.

Од Државниот комунален инспекторат велат дека оваа област е надлежност на Инспекторатот за животна средина, Државниот комунален инспекторат и Државниот инспекторат за транспорт. Надзорот е исклучиво на комуналните инспектори на општините каде што се во близина тие патишта, на пример Стража од една страна Општина Гостивар, а од друга Општина Кичево. За подигањето на отпадот се одговорни Агенцијата за патишта преку „Македонијапат“ и претпријатијата што се ангажираат.
– Се поставува прашањето како ќе се лоцира оној што од автомобил фрла ѓубре и ако се забележи, треба да се викне асистенција од полиција да го запре, а имаме право само да го опоменеме. Со опоменување не се постигнува ништо. Постапката е сложена и доаѓаме до констатацијата дека имаме неусогласеност во превентивно-репресивниот систем. Понатаму, личната одговорност е на многу ниско ниво, немаме едукација, ниту воспитување, а сите вредности почнуваат од семејството.

Па, видете колку млади луѓе не носат маски или, пак, тие што носат, ги фрлаат маските кај ќе стигнат, не го почитуваат редот. Ни недостига индивидуална едукација во сите сфери. И локалните самоуправи немаат доволен број комунални инспектори. Лично сметам дека комуналните инспектори треба да работат независно, па кога ќе можат да казнуваат, состојбите на патиштата и во природата нема да бидат вакви. Сега имаме многу празнини и недоречености во законската регулатива – вели Александар Бундалевски, државен комунален инспектор.
И од Државниот инспекторат за животна средина се немоќни наспроти несовесните граѓани, лошите навики и немањето одговорност. Но и лабавата поделба на надлежностите на надлежните екоинституции прави состојба на „префрлање одговорности од еден на друг“, за на крајот да се заврши со „апстиненција од одговорност“!

– Надлежностите се поделени и ние не можеме да ја сработиме работата на локалните самоуправи. Транспортот и фрлањето на отпадот е нашиот дел, евиденцијата на транспортот, потоа набљудуваме дали нестандардните депонии ги исполнуваат минималните технички услови, внимаваме да не дојде до нивно запалување и слично – објасни Хусни Тачи, раководител на сектор и главен инспектор во Секторот за инспекциски надзор во животната средина и природата.
Но кој и да е надлежен или одговорен, најповикани се оние што својата одговорност кон природата ја фрлаат низ прозорецот на својот автомобил. Треба да тргнеме од себе! Ако здравјето ни стана приоритет број еден, а тоа секако зависи и од чистата животна околина, се поставува прашањето зошто се однесуваме спротивно на тоа. Можеби е време да размислиме подлабоко за ова токму додека се подготвуваме да го фрлиме отпадокот преку прозорецот од возилото во кое се возиме.

[email protected] novamakedonija.com