Еден син + еден црвен = на трет виолетов политички пат?

222
Фото: Дарко Андоновски

Експертите сѐ уште се скептични дека може да успее трета политичка опција во Македонија, но тие сепак нагласуваат дека земјава е поподготвена од кога било да добие различна опција. Кај дел од анкетираните експерти се наметнува и дилемата колкава ќе биде нејзината моќ, а и можноста на таквата опција да вшмука дел од програмите на досегашниот силен „двоец“ на македонската политичка сцена, имено, станува збор за проекти што реално се остварливи, но и да привлече гласачко тело што воопшто не мора да го „грабне од големите“. Каква е моменталната слика и прилика за трета политичка опција?

Последните неколку изборни процеси покажаа дека многумина од граѓаните апстинираат од гласање. Аполитични граѓани или, пак, такви што не се повеќе во државава има сѐ повеќе, а сериозен дел се и резигнираните граѓани што се незадоволни (не од својата партија), туку од динамиката на зајакнувањето и развојот на принципите на владеењето на правото, од (не)експедитивноста на институциите, кои треба целосно да се во функција на граѓаните, како и од системското стагнирање (чест на поединци), кои тешко излегуваат накрај со структурните аберации.
Во ваквиот контекст на општествени движења, одвреме-навреме се појавуваат и алтернативни политички опции, кои како помали групации ги забележуваат и истакнуваат споменатите системски малформации, нудејќи решенија за нивно решавање. Во исто време, тие прифаќаат и одредени ставови од политичките програми на носечките политички партии. Тоа се толкува како еден вид „политичко-програмска резултанта“ од „конструктивни и одржливи“ предлози за решавање различни политички прашања, кои би биле прифатливи и би носеле бенефиции за значително поголем дел од граѓанството во нашата држава.

Но искуството досега вели дека ниту една помала партија не се наметна сериозно, а камоли да прерасне во габаритна трета опција.
И експертите со кои се консултиравме се скептични дека може да успее трета политичка опција во Македонија, но тие сепак додаваат дека земјава е поподготвена од кога било да добие различна опција. Кај дел од анкетираните експерти се наметнува и дилемата колкава ќе биде нејзината моќ, а и можноста на третата опција политички да вшмука дел од програмите на силниот македонски политички двоец, имено, станува збор за проекти што се реално остварливи но од повеќе причини забошотени, а и да привлече гласачко тело што воопшто не мора да го „грабне од големите“.

Една од дилемите во јавноста за појава на нова политичка опција, за читателите на „Нова Македонија“ ја отфрли професорот Владимир Милчин, кој неофицијално деновиве беше спомнат во колумни како човек што би се зафатил за формирање нов политички субјект во земјава. Информациите во јавноста беа дека кај таа нова политичка партија нема да постои амбиција да биде „сателит-партија“ и својата иднина нема да ја врзува со постизборни пазарења со големите политички чинители. Во директен разговор за „Нова Македонија“ професорот Милчин вели дека таквите шпекулации се чиста глупост и невистинитост. Според него, ваквите озборувања во јавноста доаѓаат од некои што се чувствуваат навредени од неговите критики упатени до нив, во насока на спроведување на нивните политики.

– Ваквите гласини се невистинити во целост. Засега не планирам никакво политичко ангажирање, а најмалку формирање партија или некаков нов политички блок – изјави кратко професорот Милчин.
Адвокатот Александар Тортевски најави формирање нова политичка партија Твоја партија. Тортевски при објавувањето на логото на партијата на социјалните мрежи напиша дека ќе се залагаат за систем со комплетна одговорност, кои едноставно сакаат Македонија конечно да стане пристојна држава.

– Сите постојни партии од 1990 г. до денес, беа султански партии, каде што лидерот одлучуваше за сè. И тоа не би било толку трагично доколку тоа не се пресликуваше на државно ниво кога ќе дојдеа на власт. Ние немаме ниту претседателски, ниту парламентарен систем, туку имаме премиерски. За илустрација, Груевски беше дури и архитект. Заев почна да го води телото за реформи во правосудството, а при последната реконструкција сакаше да биде и министер за финансии. Навистина ли нема никој околу нив да им каже дека со седнување во премиерската фотелја, прекуноќ не се добива огромен квантум знаење од сите можни области. Ние со новата Твоја партија сакаме да направиме речиси сè спротивно од она што досега се правеше – вели Тортевски.

Пробив на трета опција, според Тортевски, не може да се случи додека постои притисок врз гласачите од големите партии со што, според него, во исто време е многу тешко да се создаде партија на терен меѓу граѓаните.
– Лесно е да ставите лајк, тешко е да одите на нотар. Ние сме свесни за тоа, меѓутоа мислам дека таа граница од илјада потписи ќе ја решиме. Тоа е полесниот дел од работата, меѓутоа факт е дека јавноста бара проверени луѓе во кои има доверба. Јас би сакал да видам такви луѓе и многу би бил среќен во хиерархијата на партијата да бидам стоти член. Во ова сум многу сериозен. Значи, сега засега е сигурно дека ќе бидам привремен портпарол – изјави Тортевски.
Инаку, од Интегра – македонска конзервативна партија сметаат дека не е време за трета опција, туку за целосно нова опција во Република Македонија, која ќе работи во интерес на македонскиот народ, и за зачувување на неговиот интегритет, култура, јазик, историја и културно наследство.

– Интегра – македонска конзервативна партија не е сателит-партија и не е човек партија. Имаме силен кадровски потенцијал и голема амбиција да дојдеме на власт, и на тој начин да направиме ренесанса на македонската политичка сцена. Интегра е партија што е позиционирана како умерена десница, со заокружен идеолошки концепт на конзервативна вредносна либертаријанска идеологија, се залагаме за минимум држава и силна индивидуа. Во врска со настапот на следните избори сметаме дека нема потенцијал за предизборни коалиции ниту со парламентарни, ниту со вонпарламентарни политички партии, оттука Интегра ќе настапи сама на изборите што следуваат. На тој начин ќе видиме кој и колку ,,тежи“ на македонската политичка сцена – вели проф. Марина Малиш Саздовска.

Според политичкиот аналитичар Сашо Клековски, на земјава ѝ се добредојдени нови политички или партиски иницијативи, бидејќи тоа ги јакне плурализмот и изборот.
– Секоја нова иницијатива што сака да успее треба да земе предвид неколку работи. Земајќи предвид дека имаме релативно мало гласачко тело, со четири стабилни партии, односно дека гласачкото тело е веќе релативно фрагментирано, просторот за нови партии не е толку јасен и лесно достапен. Оттука, пред секоја нова политичка партија стојат огромни предизвици. Почетокот треба да биде дека не се потребни нови лица („ново дете“), туку нови политики – смета Клековски.

Професорот Здравко Савевски нагласува дека на следниот изборен процес, независно кога и да се случи, многу тешко може да се смени мозаикот кај политичките чинители во земјава. Тоа, според Савевски, е така бидејќи гласачкото тело, односно електоратот, е тенденциозно клиентелистички, односно гласа од тесен личен интерес.
– Проблемот кај нас е ваков каков што е, бидејќи народот не размислува самостојно, односно секогаш гласа за ВМРО за да се казни СДСМ или обратно. Никогаш во Македонија не победиле новитетите што можеле да понудат програма наместо глас за помалото зло. Со други зборови, всушност, денешната состојба и статус кво се резултат од таквото размислување на граѓаните, кое е ограничено – вели Савевски.
Тој истакнува дека во ситуација кога граѓаните се многу незадоволни од постојните политички партии и кога се појавуваат само нови партии од стари политичари, тие треба да пробаат нова партија со нови идеи.

– На Македонија ѝ треба партија што ќе биде изградена на цврсти морални стандарди и за интересите на граѓаните. Таква партија нема да се најде во поблиска иднина доколку не се промени гласачкото однесување на клиентелистичкиот електорат кај граѓаните. Со вакво размислување какво што имаме кај граѓаните, и во следните 50 години во Македонија ќе се гласа за ВМРО или за СДСМ, без оглед што се случува во светот на ова поле – заклучува Савевски.

Фото: Дарко Андоновски

[email protected]