Европските „испукани пушки“ во лов по датум за Македонија

282
Фото: Дарко Андоновски

Доколку европските дипломати како Хан, Туск и Могерини сакале да ѝ покажат конкретна поддршка на Македонија, требалo да го сторат тоа досега, а не кога си заминуваат од челните позиции во ЕУ, тврдат некои од аналитичарите

Во очекување на октомвриската одлука на Брисел за добивањето на датумот за преговори за Македонија, земјава бележи зголемен дипломатски сообраќај, како надвор од нејзините граници така и внатре. Во рок од неколку месеци Македонија ја посетија повеќе меѓународни претставници, меѓу кои беше и еврокомесарот Јоханес Хан, како и претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, кој вчера допатува на средби со државниот врв. Туск, кој наскоро го напушта челното столче на Европскиот совет поради истекот на мандатот, на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев не штедеше пофалби за напорите на земјата во последните две години. Првиот човек на Европскиот совет од Скопје им порача на лидерите на земјите-членки на ЕУ дека Македонија си ја завршила својата работа за почеток на преговорите, а сега редот е на нив. Колку тежат ваквите зборови на политичар што е на заминување, останува да видиме.

– Напорите на Македонија во последните неколку години беа извонредни. Станавте шампиони на политичката зрелост во вашиот регион – рече Туск, истакнувајќи го како „импресивно достигнување“ Преспанскиот договор и порачувајќи дека тоа не треба да биде земено здраво за готово од ЕУ.

Сепак ваквите заложби и упатени пораки на европските челници што изминатиов период продефилираа низ земјава, кога Македонија очекува да добие датум за преговори, според дел од домашните познавачи на односите со Унијата немаат тежина и бидејќи нивниот мандат истекува, личат на испукани пушки. Според експертите, иако се за поздравување посетите на меѓународните претставници на земјава, пораките што ги упатуваат при посетата немаат тежина, токму од причина што нивниот мандат е при крај и не можат да сторат ништо спектакуларно во однос на нашиот евроинтегративен пат. Како што објаснуваат познавачите на состојбите, доколку овие европски дипломати, како Хан, Туск и Могерини сакале да ѝ покажат конкретна поддршка на Македонија, досега требало да го сторат тоа, а не кога си заминуваат од челните позиции во ЕУ.

Во однос на посетата на Туск и нејзиното значење, поранешниот амбасадор и дипломат Ристо Никовски порачува дека тој нема одлучувачка моќ во Европскиот совет, туку октомвриската одлука зависи од земјите-членки, и покрај тоа што истекот на неговиот мандат веќе се брои во денови.

– Посетата на Туск нема никаква смисла и е само негово лично изживување. Неговата функција заврши и тој нема што да бара во Македонија. Од ноември доаѓаат нови луѓе, со нови идеи и нови приоритети. Нашето раководство погреши што ја прифати таа посета и, наместо да губи време со поранешен Туск, поарно е драгоценото време да се користи за внатрешни реформи. Оваа посета нема никакво влијание врз одредувањето на датумот за преговори бидејќи таа одлука ја донесуваат државите, а не Брисел – оценува Никовски.

Од друга страна, професорот по меѓународно право Лазар Лазаров вели дека посетата на Туск на земјава пред октомвриското добивање датум е многу важен чин. Тоа, според него, говори дека Брисел сака да ја продолжи политиката на отворени врати кон Македонија како во стариот така и во новиот состав на Европскиот совет.

– Она што го очекувам е тој да нѐ поттикне да имаме што е можно почисто досие до одлуката што треба да биде донесена на самитот на средината на октомври. Иако на Туск му завршува мандатот, неговите пораки се значајни, бидејќи сепак тој сѐ уште е прв човек на актуелниот состав на Европскиот совет и се надевам дека ќе остави аманет на новиот состав земјава да добие датум за преговори. Не се согласувам со тезата дека тој нема да има влијание врз новиот европски состав и дека овие пораки што ги добивме денеска ќе бидат изгубени некаде во воздухот, додека го чекаме датумот за преговори, кој ни беше ветен за следниот месец. Оттука оваа дипломатска офанзива на Брисел порачува дека ЕУ е подготвена да ѝ додели на државата датум за преговори – заклучува Лазаров.

Инаку, на вчерашната средба со Туск премиерот Заев оцени дека е политички интерес и на Македонија и на ЕУ, во октомври да се одобри датумот и бара „усвојување одлука за преговори без натамошно одложување“.

– Влегуваме во длабинско и долго трансформациско патување до целта – членство во ЕУ. Трансформација на земјата, во согласност со политиките и правилата на ЕУ, а во корист на нашите граѓани – порача Заев, нарекувајќи го Туск „нашиот докажан пријател“.

[email protected].com.mk